| четврток, 6 декември 2018 |

Јас не ја напуштив Македонија

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

 

Имав „шанса“, но не заминав од Македонија. Јас не се иселив… не дека немав причини за тоа… Во деценијата пред двеилјадитата и нешто по неа имав пеколни состојби предизвикани од манипулатор/к/и и безобѕирни подметнувачи. Бев незадоволна (не само јас!) и од одредени случувања во државата; од постапките на арогантни домашни политичар/к/и за кои „некои прашања /витални за државата и за народот/ не заслужуваат одговор“. Незадоволна бев од песимизмот што го ширеа, од критизерството; од нападите на легитимно избраната власт/влада, од политичкиот хаос што го создаваа во државата. (Во 2001 година, шефот на ОБСЕ во Р. Македонија, г. Унгаро рече: „Во Македонија постои тенденција да се биде песимист во однос на постигнувањата на земјата…“ Треба ли коментар на ова? Ви асоцира ли на денешната ситуација во државава?)

Креирањето песимизам, омаловажувањето на успесите на „другите“ е „специјалност“ на најголемата опозициска партија (СДСМ) во Македонија. Секогаш, кога не се на власт. Денес го прават истото, ја тераат истата агенда, со истите методи – преку разни нелегитимни политички маневри и притисоци успеаја да се наметнат – со помош на „меѓународниот фактор“, без избори се добраа до власт. Април, 24, се ближи…

Јас, никогаш не ја напуштив државата…

Но, не значи дека е погрешно ако некој реши да замине (колку и да трае – заминувањето, најчесто не е засекогаш) и според личните погледи на животот и светот да избере друга „животна опција“ – да ја испроба среќата некаде надвор, во светот, да направи обид за исполнување на сопствените очекувања… Целосно легитимно право на секој поединец. Така било отсекогаш, така е, а така ќе биде и во иднина; резултат на индивидуалниот светоглед, размислувања, надежи и очекувања од животот…

Луѓето заминуваат од својата земја по своја желба, по свој избор (најчесто), не само од Македонија! Луѓето се селат и од развиените европски држави. Таму каде што сметаат дека подобро ќе ги реализираат своите замисли, надежи и очекувања на професионален или на приватен план. Така, за мене сосема разбирлив беше изборот на млад инженер од прекрасниот Амстердам, Холандија, син на колешка од тамошниот универзитет, со одлична економска основа на семејството, да замине /беше заминал/ да работи на Блискиот Исток; сличен е и случајот на високообразован млад човек од космополитскиот Берлин, исто така со одлична професионална и секаква друга позиција; беше одбрал друга европска дестинација за свое место на живеење и творење.

Отсекогаш имало луѓе со изразита желба за промени во животот, меѓу нив и за промена на местото на живеење; од која било причина. Некои, многу ретко, и од авантуристички побуди – желни за нови, поинакви предизвици што ги нуди новото, непознатото.

Сепак. Лесно е да се крене бело знаме и да се замине! Со големи очекувања, ама и со неизбежните неизвесности. За мене, пожелно е соочувањето со предизвиците што ги носи животот – препреки, издигнувања, падови… да се случи дома… особено во една мала и не баш богата земја, како нашата; со многу љубов кон татковината, себевложување во своето и севкупното подобро – денес, утре… Секако, за тоа е потребна подготвеност, на секој поединечно, во ситуациите кои изгледаат безизлезни, нерешливи, да се инаети… да бара решение. Не џабе е речено – животот е борба* – за опстанок, или повеќе од тоа… и науката /билошката/ го потврдила тоа.

* И бездомникот од сторијата на Величковски („Зевзекманија“) беше подготвен да се бори… не планираше да замине… Во неговото мачно бездомништво, доловивме позитивна мисла – план, да успее да се соземе, да работи(!) и достоинствено да се врати кај семејството. (Честитки до авторот Г.В. за пораката што ја испрати со оваа сторија, која, верувам, остави длабока трага во меморијата на сите што ја проследија).

Опозицијата во својата реторичка, наместо суштинска предизборна кампања (званично не е почната, ама одамна ја тераат), во нападите кон актуелната власт без многу размислување експлоатираат појава присутна секаде во светот – потрага по поинакви искуства во животот. Ама, кај нас, тоа било поради лошите услови за живот, младите се иселувале од државата затоа што не гледале перспектива; Македонија не било пристојно место за живеење; ама, тие, критичарите, не се селат, ги користат сите можни бенефиции и благодати што ги нуди државата, а ги немаше во „нивно време“…

Јас, никогаш не заминав од Македонија. Не ја напуштив! И тогаш, кога имав „шанса“ да бидам во голема европска метропола и на соодветна академска позиција. За волја на вистината, „позицијата“ ја имав и тука, ама разликата беше огромна во „економските параметри“, и во многу други нешта кои обично се посочуваат како „причина“ за заминување од државата. Ама, јас не најдов доволно силни аргументи за одлука, како што е напуштањето на „домот“. Признавам, имаше момент кога ми пролета мисла дека може да ми биде убаво и „надвор“ (се случи при еден студиски престој во странство), но веќе во следниот момент констатирав – убаво ми е и во Македонија, со желба, еднаш годишно да можам да „излезам надвор“; (сега, со визната либерализација е полесно, не мораме да „висиме“ пред странските амбасади за да го помирисаме европскиот воздух…)

Не се иселив од земјава, моја, можеби и затоа што срцето ми затреперува каде и да го видам знамето – наше, македонско. Ми буди убави чувства! И, ако е тоа патриотизам – нека е; (впрочем, сите луѓе во светот така реагираат на сопственото државно знаме); во тој момент не мислам на недостатоците во мојата земја, не мислам на нашиот менталитет – нашата „кочница“ и нашата причина за бројни слабости.
Македонија сигурно не е „овоземниот рај“! Ама, е убаво место за живеење; од ден на ден – сѐ повеќе. Ценејќи го ова, не смееме да заборавиме кога/како почнавме како самостојна држава, каков ни беше „стартот“… сиромашна, неразвиена… каде завршија државните добра (толку колку што ги имаше) при приватизацијата.. има многу прашања кои треба да се постават и да се даде реален одговор. Дури потоа да судиме за многу нешта…

Ја сакам Македонија, ѝ се радувам! Ме радуваат сите паркови /старите, и многу нови/, булеварите (уредени и чисти, за разлика од некои други времиња!), училиштата, болниците, фабриките; новоизградените патчиња и патишта низ државата, автопатите, велелепните зданија; пешачките патеки чии број од ден на ден се зголемува, а ги немаше… се радувам на компјутерите низ училиштата и низ институциите, ја сакам информатичката, исклучително голема писменост на моите сограѓани. Се радувам и на новите мали хидроцентрали… и на жичарницата како во најмодерните светски центри, на аквапаркот… Им се радувам на многуте нешта што нѐ прават горди на фактот дека и ние можеме, дека имаме идеи за создавање! Се радувам на сè она што нѐ приближува до светот… што го прави нашиот живот полесен, поубав; a, тие нешта се сè побројни и побројни!

Развојот на мојата држава го следам и ќе го следам оттука, однатре (зошто не и однадвор – според нечиј избор!) со верба во сите нас дека ќе придонесуваме за нејзиниот развој преку личниот придонес, секој во својата работна средина, на секој можен начин.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top