Речиси две недели трае молкот во Специјалното јавно обвинителство за незаконски прислушуваните материјали што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, наводно, ѝ ги предал на Катица Јанева на 30 декември минатата година.
Освен шесте картонски кутии, кои телохранителите на Заев ги внесоа во Обвинителството, а ги снимија камерите, јавноста не може да добие никаква информација за тоа дали во кутиите се наоѓаа транскрипти од незаконските снимки или Заев и Јанева правеа само театар пред граѓаните.
Во согласност со Законот за кривична постапка, Јанева е должна при приемот на материјалите да состави соодветен записник во кој прецизно треба да биде наведено, колку незаконски снимки се добиени, колку листови хартија примило обвинителството, односно да се направи комплетна квантитативна анализа на примениот материјал. Истиот тој записник треба да биде потпишан од Обвинителството од една страна, но и од тој што ги предава материјалите, во случајов обвинетиот Зоран Заев, од друга.
Ваквата практика би го спречила обвинетиот подоцна во постапката да каже дека предал повеќе или помалку материјали од тоа што е заведено во записникот.
Ако се има предвид дека Заев од обвинителството излезе по помалку од 10 минути, јасно е дека во толкав период невозможно е да се состави записник за примени 600.000 незаконски снимки бидејќи, едноставно, нема време тие да бидат пребројани. Во такви околности остануваат три можности. Првата е Јанева воопшто да не составила записник и со тоа да го прекршила законот за кривична постапка. Втората е Заев и да ѝ предал празни кутии со цел да се направи театар пред јавноста и да се испрати порака дека СДСМ го почитувала договорот од Пржино. Третата можност е Заев да предал само неколку стотици разговори по сопствен избор, за тоа да бил составен записник, но сега тој да се крие од јавноста за да не се нарушат позициите на СДСМ.
Медиумите во повеќе наврати пишуваа за блискоста на Специјалната обвинителка со опозицијата и нејзината задача на свој грб да ја носи предизборната кампања на СДСМ за изборите закажани за оваа пролет. Сомнежите се продлабочија кога Јанева реши да го ослободи од притвор Зоран Верушевски, првообвинет во случајот „Пуч“ и тоа речиси веднаш откако го презеде овој случај.
Молкот на обвинителството дополнително го урива неговиот и онака минимален кредибилитет, а на социјалните мрежи граѓаните веќе коментираат дека станува збор за обвинителство кое работи по диктатот на опозицијата и дека неговите обвиненија нема да имаат никакво значење.
Дополнително, Специјалното јавно обвинителство ќе треба да го „преживее“ и Уставниот суд кој тактизира во ситуација кога е евидентно прекршување на Уставот во неколку членови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.