| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Попоски изложува во Кина

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на меѓународната изложба „Преведувања“ во Хонгконшкиот научен парк во Хонг Конг, Кина, која свечено ќе биде отворена на 20 април 2013 година. Делата од изложбата ќе бидат прикажани на огромен видеобилборд во Хонгконшкиот научен парк со придружна изложба на слики, како и во проектот „Артбус“ како дел од најголемиот уметнички фестивал во Хонг Конг.

Попоски се претставува со видеоделото „Атлас“ за кое оригиналната музика ја изработи електронскиот музичар Херцел, како и со слики во комбинирана техника од истоимениот циклус.

На изложбата покрај Попоски учествуваат уште 10 меѓународни уметници од САД, Британија, Австрија, Порторико и Венецуела.

Уметниците во оваа изложба користат различни визуелни пристапи кон преведувањето на влијанијата кои врз нив ги имаат животот и работата во различни култури. Истовремено лични и универзални, глобални и локални, нивните дела (од кои најголем дел се нови проекти создадени за оваа изложба) го истражуваат континуираниот и комплексен процес на интеркултурно преведување и посредување.

Зоран Попоски, кој е роден во 1974 година во Скопје, реализирал повеќе од 50 меѓународни самостојни и групни изложби. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД-екрани, постери и билборди во Њујорк, Скопје, Даблин итн. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top