| четврток, 6 декември 2018 |

Божик

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Раѓањето Христово, или Божик (мал Бог или Боже – веројатно преземено од старословенскиот јазик, а можеби од српскиот за време на колонијалното присуство на нашиот северен сосед во овие простори од 1918, па до 1941 година, кога на нивно место дојдоа Бугарите) е најголемиот верски празник на светот, а, без сомнение, најпразнуваниот датум во западната хемисфера, која во огромна мера веќе со векови е христијанизирана.

Без оглед на стравотниот конформизам, кој преку масовните консумеристички нагони го погани и го компромитира овој ден, што е веројатно дел од сјајниот конспиративен план на силите на темнината и на бесот, сепак, во целиот тој панаѓур на суети и на алчност по предмети и материја, страсниците од секоја провениенција добиваат и еден зрак светлина на благослов од небесата, кои ќе емитираат надеж и радост, сѐ додека од планетава не исчезне и последниот праведник, кој ќе го моли Севишниот за милост и за одлагање на Судниот ден – што би рекол свети Јован Богослов во своето епохално дело – „Откровение“.

Синот Божји, Исус Христос, роден од Марија – Богородица, во Витлеем во скромни околности, како вели сведоштвото – во штала, не е случајно. Има многу причини зошто е така промислено од Господа. „Дојдов на овој свет како јагне…“

И, навистина, дојде како јагне, а го испратија таму, од каде што дојде, во самата суштина на постоењето, во срцевината на Битието, како волк, како криминалец од најдолен ред, за кој беше реализирана најмачната смртна казна, со распнување.

„Дојдов како јагне во овие времиња, а вие ме распнавте како најголем грешник, моето Второ доаѓање ќе биде како лав.“

Затоа, покајте се грешници, накотени како гниди во овие времиња, во кои злото зацари наоколу во огромна мера и го труе светот, сѐ повеќе и повеќе, го турка во вечната гибел, го голта како змија пленот – цел, без остаток.

Кога Богочовекот се роди, тројца овчари и тројца мудреци дојдоа до скромната штала, во која скромно, но исполнети со возвишена светлина ги дочекаа леунката Марија, нејзиниот сопруг, Јосиф – Праведниот и неколку крави, овци и магаре.

Овчарите и мудреците го благословија Богомладенецот и, така, во овој таен ритуал се оствари целата општествена симболика на чинот – овчарите се симбол на водството, овците се народот, но она што е најбитно при влечењето на паралелите на овие аналогии во овој свет момент, е, дека овчарите се, исто така, претставници на работниот народ, тие што го остваруваат економскиот напредок и бериќет, тие што се грижат за опстанокот, но истовремено се и историските или, ако сакате, библиските наследници на Авел, кој беше благословен од Господа за неговиот труд, вештини и жртва, а кој беше убиен од брата си, Каин, при напад на завист и на љубомора.

Од друга страна, мудреците или маговите, пак, се врвот на човековите моќи и доблести. Мудреците се најблиску по духот до Бога, тие се во вистината која постојано ги носи таму каде треба да бидат за да се остварува волјата Божја.

И тие се најдоа таму, каде што треба, во таа скромна штала, каде се роди Синот Божји за светот на ароганцијата и дрскоста, предводен од богатите саможивници и самодршци, да биде посрамен и разорен до темел.

„Уништете го храмот, а јас ќе го подигнам за три дена“ – вели Христос пред фарисеите и садукеите, тие што ниту овчари се, ниту, пак, мудреци, туку опаки јазици на нечестивиот, кои преправени во свештеници и чувари на верата Божја, се напикаа како крлежи во градбата на Соломон – Мудриот и Праведниот.

Понекогаш се прашувам, кој кого благослови во таа скромна штала во Витлеем, таа ноќ, посипана со безброј ѕвезди што сведочат за Создателот.

Овчарите и мудреците принесоа материјални дарови за благослов на Божјото дете, но вистинскиот благослов дојде од бебето Божје, а тој благослов ги понуди вечноста и просветлувањето. Има ли поголем дар од овој, при кој љубовта цвета, ја воздига душата и ја прави поголема од целата вселена, што би рекол свети Јован Лествичник, еден од најмудрите и најпросветлените свети отци во долгата и турбулентна историја на христијанската вера?

Не случајно во овој час на Рождеството Христово престанаа да се бројат годините на претходното време, а почна едно ново сметање на времето и ова сметање, кое е цивилизациска почест за Синот Божји, е раширено на целата планета и на сите раси човечки, кои, пак, симболички беа еманирани во трите мудреци, што му принесоа дарови на тоа чудесно бебе, бебе – Светлина и Збор и Живот и Вечност. А, најмногу од сѐ, Утеха и Љубов. Амин.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top