Годината што ја оставаме зад нас ќе остане запаметена во историјата како година во која опозицијата, на чело со аболираниот Зоран Заев, поддржана од надворешни центри на моќ, меѓу кои и дел од амбасадорите во земјата, но и од домашни и од странски криминални структури се обиде насилно да ја преземе власта на државата, спротивно на волјата на граѓаните. Очигледно, долго подготвуваното сценарио, кое ја втурна земјата во тешки премрежиња, не успеа во предвидениот рок да ги исполни предвидените цели на налогодавците и покрај тоа што ја доведе земјата на раб на граѓанска војна.
Годината ја почнавме со обраќање на премиерот Никола Груевски во кое тој пред нацијата ја откри аферата „Пуч“ обвинувајќи го лидерот на опозицијата за обид за уцена и за насилно преземање на власта. Груевски побара трпение од народот и вети дека ќе се дознае целата вистина за тоа кој стои зад Заев. Иако јавноста немаше многу детали за опасноста што ѝ претстои на Македонија, многу добро знаеше дека следува, можеби, најтешкиот период за државата од осамостојувањето. Народот беше свесен дека мора да ги издржи овие тешки предизвици ако сака да ја зачува државата и токму поради тоа не подлегна на провокациите со кои преку насилните протести пред владата, а потоа и со настаните во Диво Насеље, требаше да предизвикаат крвопролевање.
И покрај силните провокации, тешките навреди, оркестрираните лаги и манипулации пласирани преку опозициските медиуми, граѓаните останаа присебни и го задржаа трпението во очекување мирен расплет во кој тие ќе го имаат последниот збор. Откако успешно беше избегната стапицата за нова братоубиствена војна во која ќе се лееше македонска крв за туѓи интереси, се активираа „надворешните пријатели“ на Заев, кои со невиден притисок, на сила, го наметнаа Договорот во Пржино во кој брутално ги погазија Уставот и законите, сѐ со цел повторно да се направи пат за заобиколување на волјата на народот, но и да се спаси кожата на нивните пиони.
За да бидат сигурни дека ќе има кој да ги штити криминалците што работат на уривање на државниот поредок, ги измислија Катица Јанева и парадоксалната и противуставна институција „специјален обвинител“, а како прв полицаец го инсталираа генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. Откако го поставија „безбедносниот чадор“ очекуваа со фабрикувани лаги и со сеење магла да успеат да го свртат народот против власта, но плановите им ги помати откривањето на „фабриката за афери“ од каде допрва ќе дознаваме многу детали за врските на опозицијата со подземјето и за нивната вистинска „Визија за Македонија“.
Сега, на крајот на годината, сликата е многу појасна, но остануваат уште многу неодговорени прашања за кои јавноста нема да престане да бара одговори и во 2016 година. За жал, повеќе од јасно е дека тешката неизвесност нема да ја оставиме зад себе во новогодишната ноќ, туку ќе нѐ следи и во новата година. Но, колку и да се крстат Заев и неговите соработници во странците дека ќе им ја завршат работата, би требало да им е повеќе од јасно дека кулминацијата на кризата ќе биде на 24 април. А тогаш народот ќе ја соопшти конечната пресуда. Колку и да се плаши oпозицијата од народот и колку и да сака да избегне избори, мора да биде свесна дека ни со „пријателите од надвор“ нема да можат да ја заобиколат народната воља. Бандата што ја држи државата во заложништво толку време повеќе од сигурно е дека ќе се соочи со народот. Ако избегаат од избори ќе се сретнат на улица.
Оттука може слободно да кажеме дека ако 2015 година беше година што ќе ја паметиме по сплетките и аферите на Заев, 2016 година ќе биде година во која граѓаните ќе донесат пресуда и ќе испорачаат соодветна казна.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.