Многу време, труд, посветеност и љубов се потребни за некој да се занимава со колекционерска дејност. Владимир Јаневски е колекционер на народни носии и предмети кој 25 години трудољубиво работи на собирање предмети од нашето минато кои имаат огромно значење за културата на еден народ. Педантно води сметка за секој предмет кој е дел од неговата колекција која брои повеќе од 2.000 предмети. Секое парче во неговата колекција има приказна и историја, а тој педантно го заведува со број, го фотографира и го запишува во компјутер. Во колекцијата има и аудиозаписи.
-Можеби не сум најголемиот колекционер на народни носии и предмети, но сигурно сум најстручниот. Кај мене се поврзаа многу работи, едукацијата, образованието и истражувачката, собирачката активност. Во Македонија има многу добри и познати колекционери кои ги донирале збирките во светот или во соседните земји, арно ама јас можеби сум единствениот колекционер со образование, бидејќи покрај колекционерската активност, јас и ги препознавам предметите што ги откупувам. Точно знам што собирам. Кај мене не станува збор за пасија, туку повеќе би рекол дека тоа е професионална стручна пасија. Моите истражувања и моите собрани предмети ги гледам од малку поинаков агол. Не од агол на тоа дека се преубави, дека имаат богати везови или слично, туку од аспект на нешто што е истражување – вели Јаневски.
Јаневски е продекан за настава на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Целиот негов живот е поврзан со фолклорот, традицијата, со музиката. Како деветгодишно дете почнал аматерски, како игроорец во Културно-уметничкото друштво „Македонија“, каде што останал до 1986 година. Потоа заминал во КУД „Танец“ како професионален игроорец до 2001 година. Во тој период завршил и додипломски студии. Од 2001 до 2007 година е професор во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, каде што ја формирал насоката за традиционална музика и игра. Од 2007 до 2010 година тој е асистент на Одделот за етнокореологија при факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а во 2010 година е избран за доцент на одделот за етнокореологија. Денес тој е продекан за настава на Факулетот во Штип, кој сега има и додипломски и постдиполмски студии.
-Професионално скоро 25 години собирам предмети и носии. Од деведесеттите години на минатиот век го правам тоа професионално, а тоа подразбира одење на терен. Не откупувам предмети од антикварници, затоа што тој предмет е без историја, без приказна, предмет кој за мене нема никакво значење. За мене предметите имаат значење, оние што ги наоѓам на теренот, оние што имаат приказна, кој ги носел, како ги носел, за каква пригода се, зошто толку многу ги чувале – објаснува Јаневски.
Неговото потекло и приказните што постојано ги слушал, можеби, ја определиле неговата професија и пасија. Неговата мајка потекнува од Егејскиот дел на Македонија, а неговиот татко е од скопската населба Чаир.
-Приказната во која растам е тоа дека ние треба некогаш и некаде да се вратиме, дека не припаѓаме на овој простор, дека не сме дел од оваа култура и дека треба да се вратиме во Егејска Македонија. Како дете, на 8-9 години, почнав во едно културно-уметничко друштво кое немаше никаква врска со Егејскиот дел на Македонија. Кога моето потесно семејство разбра, во истиот момент ме префрлија во Егејското културно-уметничко друштво, бидејќи таму припаѓав, таму требаше да работам. Оттаму почна целата приказна. Моето семејство секогаш се грижеше да се зачуваат нештата, да се сонува како било некогаш таму. Ги слушав приказните за песните, ората, какви обреди и обичаи постоеле таму, каква била традицијата. Во суштина, тука беше мојата најбитна каписла да почнам да се занимавам со оваа работа. Секогаш се навраќав на тој егејски феномен, затоа што тука беше главниот мотив. Првата моја собирачка активност почна од моите роднини од Егејскиот дел на Македонија. Тие предмети повеќе требаше да ги заштитам, да ги соберам, затоа што знаев дека моите дедо, баба, прабабата, прадедото починаа и нивните предмети исчезнуваа. Ми оставија еден вид аманет дека јас треба да почнам да ги собирам тие предмети. Збирката почна да се создава со предмети од Егејскиот дел на Македонија. И до денес тие ми се едни од најдрагите и најмилите предмети кои ги сметам за свои затоа што ако ние не ги собравме, односно ако јас не ги собрав тука, во Република Грција денеска тие немаат никаков однос кон тоа – вели Јаневски.
Во неговиот дом во скопско Тафталиџе тој има депо кое е приспособено за чување на збирката. Неговата колекција неколкупати е изложена по музеите во Скопје, Охрид, Битола…
-Кога ги вадам сите предмети на изложба или кога се прават концерти, сите се чудат како е возможно предмети од 19 век вака да изгледаат. Приказната ме натера јас да бидам и конзерватор и реставратор и собирач. Во моето истражување морав да научам како тие ги одржувале предметите, за да продолжам јас да ги одржувам. Моето искуство со музејската активност, исто така, ми дава за право да го правам тоа. Во 2000 година работев како реставратор во музеите на Македонија. Најголемата изложба во светски рамки во музејот во Санта Фе ја работев јас. Работев на реставрација на некои од тие предмети, потоа работев на концептот на книгата што излезе, една од најголемите книги за македонски народни носии што излезе во САД. Во Македонија таква книга уште не е излезена. Имав можност да прошетам многу музеи, да видам како работат многу оддели за текстил и оттаму многу работи можев да учам – вели Јаневски.
Збирката на Јаневски е поделена во два дела. Станува збор за повеќе од 2.000 предмети и сите имаат инвентарен број. Во збирката не постои предмет кој нема инвентарен број. Секој предмет е каталошки заведен, во компјутер, фотографиран, запишано од кого е купен, каде, за каква пригода се користи, односно, каков социјален статус има предметот, во каква состојба е, дали има извршено врз него рестраврација, кој го носел. Сето тоа стои во една датотека на податоци. До денес таму се заведени 2.012 предмети и тоа се предмети од текстил, метал и од дрво. Околу 2.500 до 3.000 комплетни носии се за концертирање во ансамблот „Македонија“.
-Овие 2.000 предмети кои се во збирката воопшто не се облекуваат. Тие се или многу стари или се многу вредни и имаат поинаква вредност од предметите во кои се концертира. Предметите во кои се концертира се, исто така, стари предмети од крајот на 19 и почетокот на 20 век, но тие може да се најдат на теренот, дел од нив имаат некакви копии, дел се рестварирани. Поголемиот дел од машките носии се копии и се приспособени за концертирање. Иако дел се копии, сепак, се трудиме тие да ги задржат кројот, орнаментите, украсите, стилот, естетиката на облекување. Имаме посебна шнајдерка која ги шие копиите, но, многу се внимава на кројот, орнаментиката, на изборот на материјали. Материјалите понекогаш ги наоѓаме постари, па ги боиме – вели Јаневски.
Во последните 40 години се изгуби естетиката на македонската носија. Со години, првата асоцијација за македонска носија е нешто шарено, црвени хулахопки и патики. Јаневски и ансамблот „Македонија“ се труди да ја смени таа слика.
-Со години на македонските народни носии се гледа како нешто „селско“ и неестеско. Во суштина тоа е така, последните 40 години се изгуби естетиката на македонската носија. Зошто е тоа така? Најголем дел, во сите ансамбли, работеа нестручни лица кои не ја познаваа естетиката на македонската народна носија. И таа стана како параван дека треба да се преправиш и да се облечеш, ама да не изгледаш убаво. Ако зборуваме дека во Македонија има најубави носии – тоа е навистина така, бидејќи од сите наши соседи имаме најбогат накит, најубави везови, но за жал ја имаме изгубено естетиката. Во ансамблот „Македонија“ се трудиме колку што е можно да ја вратиме таа естетика на вистинската македонска народна носија – вели Јаневски.
Колекционерството подразбира и одделување на лични финансиски средства. За среќа, има и наследник, бидејќи неговата ќерка, која е студент на факултетот за музичка уметност е тргната по неговиот пат.
-Најголем дел од мојата збирка содржи предмети од Егејскиот дел од Македонија, иако пак, најтешко е да најдат предмети од тој дел, бидејќи луѓето се преселени оттаму. Кога бегале од Грција, тие оставиле сѐ зад себе. Кога ги наоѓам предметите од Егејскиот дел на Македонија, 90 отсто од нив не ги откупувам, туку луѓето ми ги подаруваат. Многу е жално кога ги слушате нивните приказни. Најчесто старите жени раскажуваат: „Ние бегаме со голите души, ние ништо немавме, ни остана само ова што го носевме“. И по 50 години, тие ги чуваат предметите со кои бегале од своите огништа. Овие приказни ми се најдраги – вели Јаневски, кој во збирката има околу 300 предмети од Егејскиот дел на Мкедонија и тоа од Леринско, Костурско, Његушко.
Во збирката нема само македонски предмети, туку и албански, ромски, влашки.
-Единствено јас ги имам носиите на мегленските Власи во збирката. Тие живеат во едно село во Македонија, Ума. Тоа се носии од 19 век и едни од најстарите влашки носии – вели Јаневски.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.