| четврток, 6 декември 2018 |

Репрезентацијата ги стартува моторите, подготовките за ЕП во Полска започнаа денеска

reprezentacija na makedonija

Со првиот собир на дел од репрезентативците на Македонија, започнаа подготовките за Европското ракометно првенство во Полска 2016 година.
Очекувано како и досега поради клупски обврски од првите тренинзи на селекцијата изостануваат дел од интернационалците, но секако помошниот тренер Данило Брестовац ќе ги започне тренинзите по агендата која одпаред е договорена со селекторот Ивица Обрван. Хрватот најави отсуство поради семејни причини и ќе се приклучи на таборот по новогодишните празници.
Пред нова година ќе се приклучат и првотимците, Кире Лазаров, Филип Миркуловски, Борко Ристовски и Ацо Јоноски кои имаат обврски кон своите клубови се до 29.декември.
Во репрезентацијата се враќа и столбот во одбраната Велко Маркоски кој најде ангажман и веќе е влезен во тренажен процес и натпревари со ППД Загреб.
Стојанче Стоилов кој успешно закрепна од тешката повреда на рамото, се очекува да биде еден од носителите на играта на македонската репрезентација и посакува да се искористи шансата на оваа генерација и да се стигне до следната рунда на ЕП и секако во квалификациите за ОИ во Рио 2016 година.

stole stoilov

– Се надевам дека ќе научиме од грешките од минатото. Веќе долго време сите кажуваме дека ова е последна шанса на оваа генерација, сега мислам дека ова е навистина последна, мислам на првенството и квалификациите за Олимписки игри доколку се пласираме. Секоја година сме постари и веќе знам многу од ракометарите кои зборуваат за пензионирање. Нема да зборувам во ничие име, но ова е таа последна шанса. Мислам дека сме зрели да го повториме успехот од Србија, па и повеќе од тоа – вели Столе Стоилов.

Токму српската репрезентација ќе биде нашиот централен фокус во Краков во групната фаза. Што ќе направиме претходно со фаворитите Франција и Полска ќе биде плус.

– За групата некои велат дека е тешка, некои лесна, а јас мислам дека можеме да играме против сите. Сепак, нашето финале е мечот со Србија, кој ќе биде клучен за пласманот понатаму. Што и да се случи претходно мора да ги победиме Србите. Мислам дека оваа генерација може да види Олимписки игри и се надевам дека нема да разочараме – додаде Стоилов.
Репрезентацијата ќе тренира во „Јане Сандански“ двапати дневно, а на трети јануари заминува за Словенија, каде што ќе одигра два контролни меча со тамошната репрезентација (4 и 5 јануари). По еднодневната пауза за божиќните празници следува нова проверка, против Црна Гора на 10 и 11 јануари. Во меѓувреме репрезентацијата треба да се пополни во целост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top