Преку 70. 000 незаконски снимени разговори се пронајдени кај осомничените во случајот „Фабрика за афери“, дознава „Прес 24“ од извори во истрагата. Според истите извори, овие документи биле складирани на еден од надворешните хард дискови во папка именувана „СДСМ – Заев“.
Папката била креирана во септември 2015 година, односно по потпишувањето на договорот од Пржино и обврската преземена од Зоран Заев за преземање на незаконски стекнатите материјали.
Сите разговори се незаконски снимени од македонски политичари, а од комуникациите што се проверени досега, постојат индиции дека имало и намера истите да бидат продавани во други држави. Зоран Божиновски, кој се крие во Србија, а во моментов е баран со потерница за случајот „Шпион“, и самиот се пофали дека веќе му биле доставени дел од незаконски снимените разговори.
Зоран Заев со Захит Бекири Чаушот во штабот на СДСМ
Од досегашната истрага е потврдено дека освен министерот Оливер Спасовски, во контакт со првоосомничениот од криминалната група, Захир Бекири викан Чауш, бил и лидерот на партијата Зоран Заев. Подолг период, почнувајќи од почетокот на годинава, двајцата имале интензивна комуникација. Според сознанијата на истрагата, двајцата имале и средби во седиштето на партијата. Периодот во кој се среќавале во голема мера се поклопува и со периодот на емитувањето на таканаречените бомби.
Со овие нови моменти во истрагата за „Фабриката за афери“ на СДСМ, станува повеќе од јасно зошто Заев одлучи да не го почитува договорот од Пржино и да ги прекрши законите со непредавање на материјалите. Со овие нови моменти се гледа и лагата и апсурдноста на неговите образложенија дека само Заев знаел колку било тешко 11 месеци да се чувале материјалите и само Заев можел да гарантира за нивната безбедност.
Предавањето на незаконски снимените материјали на Захир Бекири, според познавачи на состојбите, јасно ги откриваат намерите на Зоран Заев. Преку медиуми однадвор да почне да се пласираат приватните разговори. Соочен со лошиот рејтинг и со недовербата од страна на граѓаните, крајната цел на Заев е одложување на изборите.
„Прес 24“ дознава дека неодамна и лично Заев заминал за Србија, а контакти со Божиновски имал и директорот на ПОЦ, Саша Богдановиќ, во чие претпријатие работи сопругата на првоосомничениот Захир Бекири – Чауш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.