| четврток, 6 декември 2018 |

Писмо

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Ова е писмо од еден американски морнарички офицер до својата сакана во татковината. Потоа, „некако“, писмово се најде на мрежата. Еден мој близок пријател го пресретна и ми го прати по е-пошта. Еве ви ја содржината на ова писмо, поправо, исповед. Целта не е да се нарушува интимата на вљубените, како што тоа го прави сатрапот на крипто-комунистите, Црпко Први од Мердево, за да повреди и навреди, а, со тоа, да се издигне со сета своја суета пред своето стадо следбеници, туку да се стави уште едно камче во мозаикот на спознанието за современата геостратегиска ситуација во светот.

Затоа, имињата на протагонистите се променети со цел, да не се компромитира нивната интима, што за секој џентлмен е светост.

Драга моја Мери!

Прости ми, што не ти бев пишал веќе цела недела. Бев на третман за психолошка рехабилитација во нашата база во Романија. Треба да ти кажам, дека се случи нешто ужасно. И тоа, не само со мене, туку и со целата посада на нашиот храбар разурнувач „Доналд Кук“. Нашиот разурнувач е вооружен со најдобрите системи за уништување на противникот, нема таков авион, ракета или подморница, кои не би можеле да ги пресретнеме. Нашиот систем „Иџис“ може да обори дури две балистички ракети. На овој брод можат да служат само најдобрите морнари, најсмелите и тие што ја презираат смртта, како биволите од Аризона.

И така, мила моја, кога нашиот „Доналд Кук“ влезе во Црно Море, за таму високо да го подигне знамето на слободата и на демократијата, капетанот нѐ построи на палубата и ни одржа говор. „Момчиња, пред нас е многу важна мисија – да ја демонстрираме бестрашноста на Америка пред разбеснетата руска мечка. Вие сите знаете дека Русите одзедоа половина територија од демократска Украина, Кримскиот Полуостров и се подготвуваат да ја стават шепата на другата половина.
Тоа е закана за нашите национални интереси, затоа што ние никому нема да му дозволиме да го земе тоа, на што ние можеме да ја ставиме својата шепа. Демократските и слободољубиви сили во Украина сѐ уште се млади и ние мора да им покажеме на Русите каква сила ја заштитува младата демократија. Немојте да се сомневате дека руската мечка ќе ги опогани гаќите, кога ќе го види ваквото оружје за одмазда, какво што е нашиот ’Донал Кук‘. Во овој момент на искушение, од вас се бара храброст, заемна соработка и дисциплина!“

Ние трипати вреснавме „хоп-цуп-ура!“ и почнавме да се подготвуваме за на Русите да им покажеме што ги чека доколку дигнат рака и на втората половина на Украина.

Утредента, кога нашиот брод тргна во насоката на Крим, здогледавме на небото руско летачко корито, кое се вика јуришен „Су-24“ и кое се произведува уште од времето, кога нашите родители одеа во основно училиште. Кога на предавањата во воениот колеџ го изучувавме овој раритет, им се смеевме на неговите карактеристики.

Тој е повеќе погоден за наводнување или за запрашување на полињата со хемиско ѓубре, или, пак, за исфрлање детски играчки од воздух. Значи, кога се чу алармот, ние поитавме кон нашите борбени позиции, претчувствувајќи, како ќе си поиграме мачка и глушец со тој гласник од минатото. Јас дури успеав да се обложам со Еди дека оваа ’рѓосана тенекија ќе ја имам повеќе пати на нишан од него. Тој управува со исто таква брзострелна направа, „фалангс“, како и јас, а од неа, како што мислевме, нема спас.

Го следевме „рускиот“ со локатор, додека не дојде во зоната на дејствување, за потоа да го маркираме, меѓутоа, кога тој влезе во проклетата зона, почна мистеријата. Прво се угасија нашите локатори, потоа се исклучија покажувачите на целта на „фалангс“, а потоа беше исфрлен и комплетниот „иџис“.

Нашиот прекрасен „Доналд Кук“ се нишаше на брановите како мртва желка. Се покажа дека тој проклет руски отпад од метал, „Су-24“, ја вклучил апаратурата за електронско спречување на опремата и гордоста на нашата флота се претвора во наш срам! А, Русите почнаа отворено да се подбиваат со нас.

Тој над нас изведе 12 пробни јуришни летови, патуваше со стомакот по нашите локатори, нѐ заглушуваше со бучавата на моторите, едноставно, на сите ни ставаше до знаење дека на ваква посрана вангла може да плива само посрана посада! Кога одлетуваше, ни мавна со крилјата, а на Еди дури му се причини дека пилотот го покажал средниот прст на десната рака. Но, мислам, дека ова му се присторило на Еди, зошто на воениот колеџ нѐ учеа дека Русите, место средниот прст, покажуваат „шипак“.

Мери, не можеш ни да замислиш што ни се случи! Таква срамота не сме преживеале никогаш во животот! Некои наши момчиња плачеа како деца, другите удираа со главите по апаратурата, која не реагираше, вишиот асистент пред очите на посадата, наискап испразни шише виски и на целиот глас се дереше по бродот, „тој ужасен руски ’хибини‘ (руски систем за електронска борба – Д.С.), а капетанот позелени од бес. Во таква ситуација едвај допловивме до романскиот брег и веднаш по впловувањето, триесетина наши момчиња напишаа барања за разрешување од должноста. Тие не можеа да ја поднесат помислата, дека во пресуден момент нашата техника може да се претвори во гомно, со кое заедно ќе се тргне кон морското дно.

Мене, исто така, ме спопадна хистерија, па ме однесоа во болница. Мери, отсекогаш ја сакав нашата Америка и сонував нашето пругаво знаме со ѕвезди да му донесе слобода на целиот свет. Меѓутоа, по овој инцидент, почна да ме прогонува помислата на оставка. По ѓаволите со нив, со парите, драга моја. Подобро ми е со тебе да купиме мала фарма во Аризона, да одгледувам зарзават за продавање и во неделите да пеам псалми во нашата црква.

Јас мислам дека Америка нема веќе да ги зема во заштита нашите браќа по демократија во Украина. Зошто, ако едно старо руско корито успеало да го кутне на грб нашиот супер-современ „Доналд Кук“, тогаш, замисли, што можат да вградат во нивните нови авиони! А, ако се тие во состојба да ги угасат, не само инструментите, туку и мозоците на посадата? Размисли и самата, дали сум ти јас потребен без мозок?

Огромен бакнеж, секогаш Твојот, Џони

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top