| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски во Атина на средби со грчкиот државен врв

popos

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска престојува во официјална посета на Атина, јави дописникот на МИА.

Попоски во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, со алтернативниот министер за јавен ред и цивилна заштита Никос Тоскас, со првиот потпретседател на Парламентот Анастасиос Куракис, и со претседателот на Грција Прокопис Павлопулос.

Македонското МНР соопшти дека за време на средбата меѓу Попоски и Коѕиас „се очекува да бидат разменети мислења и ставови околу можностите за унапредување на билатералните односи и соработката меѓу двете соседни држави и регионалната соработка, како и за прашања поврзани со европското и евро-атлантското интегрирање на Република Македонија“.

Во последното интервју за грчкиот весник „Катимерини“, македонскиот министер изјави дека неговата посета на Атина не е дипломатска рутина, штом такво нешто не се случило повеќе од деценија.

– Не сме имале посети во официјално билатерално својство, како што доликува на соседи. Воедно, барем од македонска страна немаме амбиции да изненадуваме, посебно не непријатно, туку искрено да покажеме волја и пријателство кон Грција. Ќе се потрудиме максимално тоа да го почувствуваат и домаќините, изјави Попоски за грчкиот весник.

Коментирајќи го интервјуто, „Катимерини“ напиша дека „од она што го изнесува господинот Попоски, не се гледа дека ќе има нешто спектакуларно во разговорите со грчката страна“. Но, дипломатски извор во Атина ја оценил оваа посета за значајна, истакнувајќи дека ќе придонесе за натамошно унапредување на климата во релациите меѓу двете земји.

Во вчерашната најава за посетата на македонскиот министер на Атина, „Катимерини“ напиша дека на врвот на агендата во разговорите меѓу Попоски и Коѕиас „се очекува да биде долготрајниот спор меѓу Грција и Македонија во врска со официјалното име на оваа балканска земја, заедно со миграциската криза која доведе до тоа Македонија да ја затегне својата граница со Грција“.

Весникот потсетува дека шефот на македонската дипломатија, кој е во посета на Атина после престојот на Коѕиас во Скопје во јуни, во интервјуто рече дека се „условите за да се случи нешто суштинско за прашањето за името се повеќе од зрели“.

Извор од грчкото Министерството за надворешни работи за весникот,  исто така, посочил дека условите се подобрени, „но задржал внимателен став, истакнувајќи дека домашните политички грижи во соседната земја биле пречка за напредок во минатото“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top