Опсервирајќи ја нашата интелектуална сцена, без една мала група чесни и креативни човечки битија, кои и во најтешките и најзаканувачки услови по нивниот интегритет се доволно храбри и достоинствени за да се заложат за вистината и за правдата, остатокот од овие самоумислени опортунисти и манипулатори, вооружени со цитатите на поумните од нив, а чиишто мисли се немо злоупотребувани од овие мали глодари на аривизмот и лукративноста, на лажните револуционерни пози, на лигавата и безидејна волја за издигање и позиционирање во општествените структури, на нивниот, во основа, просјачки менталитет, значи, сите овие, таканаречени интелектуалци на македонската културно-политичка сцена, се целосно утнати инкарнации во однос на сѐ што е вредно и креативно и, како такви, недвојбено завршуваат во еден морничав и одвратен вариете на суети и на злодела.
Посебно, тие таканаречени опозициски интелектуалци, кои толку многу држат до себе и до своите ставови, а се сосема празни, би рекол, дури и глупави, а нивните вербални повраќаници, исполнети со простотилак и вулгарност, не би можеле ни пци да ги проголтаат, а камоли мудрите и опитни граѓани македонски, кои со неверојатна сила и самодисциплина ги трпат овие здодевни комарци на провокативната иритација.
Но, слободата, за која секој чесен човек се залага, подразбира голема доза на толеранција и на трпение. „Трпение – спасение“, вели мудриот македонски народ, а експертизата за оваа констатација е веќе и историски верификувана.
Затоа, никој не заговара насилно замолкнување на овие мегафони на лагата и невкусот, но тоа не значи дека не треба да им се даде до знаење, дека се сосема деконструирани и дека нивниот плиток интелектуално-цитатолошки капитал е во константна ерозија и девалвација.
Веројатно, затоа паднаа толку ниско и му се предадоа со таква фанатичност на еден сосема пропаднат и криминален концепт на дејствување. Сожалувањето, кое го заслужуваат многу повеќе отколку осудата, е тенденција во контекстот на императивната хуманост, повеќе отколку во насоката на праведноста.
Тие, веројатно, не се ни свесни за сето ова. Доволно се итри, за да се послужат со тактиките на релативноста и така да се амнестираат од сите нивни гревови, од кои, најголем е оној на нивната неверојатна креативна импотентност, која ги зачудува и најирелевантните фактори од јавната сцена.
И, секако, дека никој нема да им забележи за оваа слабост, за нивната немоќ да создаваат или промислуваат, но кога ќе се соочите со таа драконска агресија од нивна страна, при која бараат титулари и награди, за кои нити се достојни, а ниту, пак, имаат капацитети да ги достигнат, тогаш сфаќате, дека ова немо крдо на аривисти, не само што не може да биде пуштено од јавноста и од народот да си ги крши роговите во небиднината на нивната ментална и творечка празнотија, туку треба јасно да им биде ставено до знаење, дека и тие самите стануваат ништожници и криминалци, ставајќи го својот, и онака потрошен авторитет, во служба на една гангстерска и аморална опција, без оглед дали се работи за опозицискиот предводник – криминалец и ситен измамник, или, пак, за светски верифицираните тирански и нечовечки организации, какви се НАТО и ЕУ.
Но, такво е ова наша крдо на самоинаугурирани интелектуалци, на овие смешни марионети и дрвени адвокати на апсурдноста, да повторуваат до изнемоштеност и обесвестеност – НАТО – ЕУ!
Порано, истото го правеа со маршалот Тито и неговата, пардон, нивната партија. – Тито партија, омладина акција!
Но, сето тоа е така здодевно и банално, толку тривијално и безначајно, што само нивните личности и дела можат да бидат поинфериорни и понеинтересни од самата нивна интелектуална појавност и битисување. Затоа се многу повредни како некакви окаменети одрази во статистиката, отколку како гласноговорници на исфантазираната револуција на богатите контра сиромашните или во нивните апологии, на криминалната и кодошка пракса на опозициските претенденти на власта. Единствената смисла на нивната реализираност во животот е, како што видовме – власта. Кај нив, сепак, мора да се признае, гледаме една респектибилна карактерна црта, а тоа е ужасната фиксација, да се освои власта по секоја цена, барем малку, на неколку месеци.
Без ова мало кокетирање со политичката моќ, тие би биле живи мртовци. Толку од нивната имагинација и креативност. Сѐ на сѐ, една ужасна празнина, од која и самиот пекол би се потресол.
Но, кога се работи за оцрнување на другиот, да се наклевети и понижи политичкиот или, пак, идеолошки опонент, тогаш се полнат со сила, така идиотска и нема, што се спремни и на физички ликвидации, само за да се дограбат до своите цели. Но, тоа, едноставно, не им е дадено од страна на Провидението, што ги полудува и ги става во една френетична настојчивост, која секогаш, на крајот, завршува како гротескна сторија.
Така ова крдо од самонаречени револуционери и интелектуалци, кои се ставија на страната на криминалот и предавството, создадоа едно одвратно и неподносливо милје на пропаста и ужасот, а за сето ова ги обвинуваат сите оние, кои со беспоштедна работа и титанска грижа се обидуваат да го рехабилитираат и санираат сето она, што ова разбеснето крдо рогати говеда (што би рекол Фридрих Ниче), веќе со години го уништува, а тоа е културата, мирот, економијата, идентитетот и достоинството на македонското општество.
Секако, нивната важност е ирелевантна, на крајот од краиштата. Но, кога ќе се земе предвид хипокризијата им и злобните намери, тогаш човек мора да реагира, макар и вербално. Со тоа тој ја исполнува и најминорната должност кон вистината и животот.
Инаку, сосема удобно би можеле да им се придружиме и сите ние да станеме дел од ова немо крдо идиоти, доколку би го немале, макар и минимумот на совеста.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.