| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Барајќи го невозможното“ на Никола Узуновски

Изложбата „Барајќи го невозможното” на Никола Узуновски ќе биде отворена во вторник 15 декември во 20 часот во галеријата СИА.

Никола Узуновски во ова претставување насловено „Барајќи го невозможното” ја презентира својата еднодецениска истражувачка работа и историјата на обидите да го реализира својот досега најамбициозен проект „Мое сонце” (My Sunshine, 2005-ongoing), како резултат на обемни истражувања и бројни соработки, почнувајќи од 2005 година со неговата резиденција во Финска и директното искуство на суровите услови во Арктичкиот поларен круг.

Овој отворен проект, досега е претставен во повеќе земји, а својата најзначајна презентација ја има во рамки на Венециското биенале во 2009 година. Подоцна следуваат и проектите „Соларни облаци” (2013-ongoing) и „Термо-соларни летала” (2014-ongoing), кои произлегуваат од долгогодишната работа и стекнато искуство во повеќето реализирани фази на првиот, преку модификации на сознанијата и можностите од реализираните прототипови.

Обединети под заедничкиот наслов „Барајќи го невозможното”, овие идеи/проекти иако претставени на повеќе интернационални изложби во кои е тематизирано прашањето за утопиското, за првпат интегрално се претставуваат во галеријата на SIA во Скопје, во форма на истражувачка лабораторија, но истовремено и архива на досегашниот истражувачки процес, преку скици, технички цртежи, анимации, модели, графикони и фотодокументација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top