| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави „Сушен период“ од Габриела Бабник

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство го најавува објавувањето на романот „Сушен период“ од Габриела Бабник. Во Словенија книгата беше пречекана како настан со кој се уриваат стереотипите меѓу Европа и Африка. Книгата е добитничка на Европскатакнижевна награда во 2013 година. Преводот на македонски е на Лидија Аризанковска.

Сушен период опишува љубовна врска меѓу Ана, 62-годишна дизајнерка од Централна Европа, и Исмаел, 27-годишен Африканец што пораснал на улиците и бил жртва на многу злоупотреби. Тоа што им е заедничко се осаменоста, трагичното детство, сушните периоди или „харматан“, кога ниту природата ниту љубовта не можат да процветаат. Наскоро, уметницата сфаќа дека празнината меѓу нив не се појавува поради бојата на кожата или поради разликата во годините, туку поради нејзината припадност на западната цивилизација, во која таа ги има загубено сите предвидени улоги – на ќерка, на жена и на мајка. Еротиката не ја надминува осаменоста, потиснатите тајни од минатото испливуваат во светот што е суров, но и поневин од нејзиниот. Во романот се преплетуваат магичен реализам и фрагменти од африканската политичка реалност, а посебно место ѝ се посветува на една од клучните фигури од африканската кинематографија: сенегалскиот режисер Џибрил Диоп Мамбети. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската унија.

Габриела Бабник (1979) е словенечка писателка родена во Гепинген, Германија. Студирала компаративна книжевност во Љубљана, а потоа патувала во Африка, која станала инспирација за нејзините дела. Пишува книжевни осврти, есеи, патописи и интервјуа во различни медиуми во Словенија. Магистрирала со дисертација за современиот нигериски роман. Пишува политички колумни за африканските прашања.

Лидија Аризанковска е преведувач и универзитетски професор. Родена е во Скопје, на 28 октомври 1966 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што ги одбранила и магистреската и докторската теза. Редовен професор е на истиот факултет. Подрачје на научно-истражувачка работа ѝ се македонски­от и словенечкиот јазик. Учествувала на повеќе семинари и конгреси, дома и во странство. Автор е на 60 научни текстови и на неколку кни­жевни преводи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top