Иако има најдолг Акциски план за членство (МАП) во НАТО, Република Македонија сепак се уште активно и солидно придонесува во операциите на Алијансата ширум светот, како и во домашните реформи на одбраната, со цел да остане конкурентна за членство во Алијансата додека Грција не одлучи да го крене ветото.
Ова е заклучокот од денешниот редовен годишен состанок на Република Македонија со Комитетот на ниво на заменици на постојаните претставници на НАТО, на кој беше презентирана Годишната национална програма за членство на Македонија во НАТО за 2015 и 2016 година, како дел од 17-тиот циклус на Акцискиот план за членство.
Македонската делегација беше предводена од државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Елена Кузмановска и од државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска-Ристова, а во делегацијата беа и претставници од надлежните министерства и институции, членови на работната група на Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО и македонскио амбасадор при НАТО, Зоран Дабиќ.
На состанокот, државните секретари ги претставија стратешките реформски политичко-економски и воено-одбранбени цели и активности на Владата на Република Македонија, по сите пет поглавја презентирани во Годишната национална програма за 2015 и 2016 година.
Со овој состанок започна реализацијата на 17-тиот циклус на Акцискиот план за членство на Македонија во НАТО.
Согласно програмата, државните секретари одржаа состаноци со помошникот генерален секретар Трасивулос Стаматополус, како и со замениците на постојаните претставници на земјите-членки на НАТО.
– Денеска го претставивме годишниот национален план за членство во НАТО за 2015 и 2016 година со што го отпочнавме 17-тиот циклус од Акцискиот план за членство на Република Македонија во НАТО (МАП). Коментарите од земјите-членки за самиот материјал беа позитивни и тие изразија поддршка на земјата на нејзиниот пат кон евро-атлантските интеграции. Многу позитивно беше оценета нашата отворена поддршка за поканата за членство во НАТО упатена до Црна Гора и тоа се оцени како се уште важечка политика на отворени врати на Алијанса, што е позитивно за нашиот процес на аспирација, посочи државниот секретар во МНР Елена Кузмановска во изјава за МИА по состанокот.
Според Кузмановска, во текот на дискусијата, најмногу време се посветило на реформите што се одвиваат во Република Македонија и спроведувањето на политичкиот договор, при што сите земји-членки на НАТО изразиле поддршка и желба за успешно спроведување на изборите во април 2016 година.
Во делот на одбраната државната секретарка во МО Елизабета Чуповска-Ристова, соопшти дека согласно очекувањата што ги имаше македонската делегација од овој состанок, посебен акцент бил ставен на политичките прашања, но во делот на одбраната, состанокот поминал во многу позитивна и конструктивна атмосфера, како и целиот состанок воопшто.
– Посебно беше поздравен придонесот на Република Македонија во делот на учеството во мировните операции предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите нации. Од наша страна, ние ги истакнавме нашите заложби за идно учество во понатамошните операции што ќе бидат организирани и за што истакнавме дека ќе учествуваме со истото темпо како и во измнатите години. Позитивни коментари добивме и во делот на регионалната соработка, каква што Република Македонија има остварено во делот на одбраната со голем број соседни земји-членки на ЕУ и НАТО. Ние укажавме и на нашата посветеност за продолжување на реформскиот процес со цел остварување на една од нашите најголеми стратешки цели, а тоа е идно членство во Алијансата, рече Чуповска-Ристова.
Иако, уште од 2008 година, на Самитот на НАТО во Букурешт е утврдено дека Македонија ги исполнува сите услови за членство во Алијансата, поради грчкото вето, македонската држава веќе го започна рекорднио 17-ти Акциски план за членство, но не може да оствари полноправно членство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.