Раководството на КК Куманово ја потврди информацијата за заминувањето на Урош Луковиќ од редовите на актуелниот вицешампион на Македонија, потенцирајќи дека до разделба дошло на барање на самиот кошакар.
– Луковиќ повеќе не е член на нашата екипа, но би сакале да стане јасно дека се разделивме на негово барање. Имено, тој побара исписница со образложение дека би сакал да направи чекор напред, откривајќи дека има понуди од Партизан, како и од неколку екипи од Блискиот Исток. Со оглед на фактот дека тој го има задолжено Куманово со своите одлични игри во претходниот период, му излеговме во пресрет и го раскинавме договорот. Искрено му посакуваме многу среќа на Урош Луковиќ при неговиот следен ангажман – изјави Младен Давидовиќ, директор на КК Куманово.
„Сино-белите“ експресно договориле и замена за српскиот центар, па на клубот му се приклучува и Ненад Мишановиќ, кој доаѓа од полскиот прволигаш Трефл Сопот. Исто така, договорено е и доаѓањето на домашниот кошаркар Никола Караколев, како и камбекот на Вукашин Мандиќ.
– Станува збор за играч со богато искуство, кој исто така поседува и значителни квалитети. Со него ќе добиеме на цврстина во битката под обрачите, во тимот се враќа и Мандиќ, со кого постигнавме договор за обновување на соработката, а нов член е и Караколев. Со овој ростер очекуваме добри резултати во преостанатиот дел од сезонава – истакна Давидовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.