| четврток, 6 декември 2018 |

Философ

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Да го видите Сократа, философот, така нервозен, па дури и испотен, а целиот несреден и растегнат, како што тој ден го здогледа неговиот почитувач и достоинствен следбеник, Анит, еден од Платоновите пријатели и собеседници, навистина, никогаш не бил случај.

Всушност, сите во Атина се беа увериле дека Сократ е вистински љубител на мудроста, човек што успеваше да ги надвиси со своите доблести најдоблесните, неговата волја и мисла произлегуваа една од друга, во издржливоста му немаше рамен ниту во полисот, ниту, пак, во околните села, по прашањето на себеконтролата беше врвен, а неговата пристојност, благост и почитта, со која водеше расправии, беше совршена.

– Па, како, тогаш, ти, философе над философите, си дозволи ваква несреденост и растроеност, ти, Сократе, кој во секоја ситуација знаеш, како никој друг во нашиот свет да го сочуваш мирот и да бидеш пример за восхит? – прашал вџашениот Анит.

А мудрецот му одговорил: – Се расправав и беседев со идиоти, кои лажно ми се претставија како философи.

Тогаш Анит сфатил во каква бездна пропаднал неговиот неспоредлив учител, Сократ.

Сега, пак, по 2.500 години, на нас, претставниците на македонскиот народ, дојде ред да се соочиме со бездната во која се најдовме поради нашата неопитност. Имено, пропаднавме во еден ужасен процеп на небиднината поради наивноста и папагалскиот менталитет на нашите политички лекомисленици и нивните трабанти, кои треба константно да ја подгреваат атмосферата како некакви простачки навивачи, кои постојано верглаат – НАТО – ЕУ!

Кон тоа, овие наши слепци, кои само поради Божјата милост опстојуваат со минималниот дигнитет, негуваат речиси идолопоклонички чувства кон сите тие емисари, кои доаѓаат тука во нашиот атар, за момент оддалечени од нивниот брод, кој тоне – ЕУ, а и НАТО, зошто да не, значи, да го практикуваат својот ноторен кретенизам и, спред овие начела, да го преуредуваат нашиот општествено-политички систем.

И, за да не паднат во кловновска какофонија, избраа еден од нив да им биде претставник во влијателната игра на создавање една, навистина, умоболна зона на политички експерименти. Тој, „најумниот“ од нив, по струка новинар, а по образование философ, беше избраниот како најсоодветен, за да ја заврши комплексната мисија на манипулирање со преговорите меѓу владејачката партија на попустливите демократи и опозицијата, составена од карактери, подобни на хиени и пирани и со бестијална мотивација, конечно да се дофатат до власта, а нивниот водач, Црпко Први од Мердово, да го поткачат на тронот.

Така, овој философ, а, всушност, тежок аналфабет, се дотркала на својот велосипед до местото, каде што се одвива реализацијата на овој неоколонијален проект во Пржино, каде што се пржат плашиците од македонската политичка сцена.

Оваа креатура, која има дрскост да се нарече философ, иако повеќе му прилега да се акцептира како оскубан и кастриран петел – двоножец без перје, што би рекол Аноксимандер, всушност, повеќе кокошка, речиси веднаш почна да ја легитимира својата анимална или, ако повеќе сакате – ступидна природа.

Веднаш, со целата несмасност на својата фармерска култура, наследена од неговите предци, одгледувачи на компири, говеда и свињи, почна да се однесува кон македонските легитимни политички претставници како да се бројлери од некој гигантски кокошарник на апсурдот. И, што е најгрдо во целата претстава на гротескни ситуации, кои се ројат како инсекти, стимулирани од непоимливата глупост на философот измамник, е чудесната сервилност на сите оние, кои беа задолжени да ги бранат круцијалните интереси на македонската држава и народ.

Лесно е да ги разбереме простачките позиции на лажниот философ, со оглед на тоа што потекнува од една груба и вулгарна култура, каква што е неговата и сродните на неа, култура на геноциден колонијализам, при кој до израз доаѓа еден криминален менталитет на убијци и на крадци, но тоа што исполнува со мачнина и депресивен песимизам, па дури и срам, е стравот и субмисивноста на нашите претставници.

– Зар вашите образи не се од крв и од месо, туку од ѓон?
– Како ќе се легитимирате пред историјата и генерациите што доаѓаат, со вакво поведение?
– Дали, воопшто, имате желба да бидете претставници на македонскиот народ, со оглед на стравотната параноја, која ве прогонува и ве парализира, како жаба пред змија, кога ќе се најдете пред емисарите на ЕУ и НАТО?
– Зар не е подобро да живеете еден ден како лавови, отколку сто години како зајци?
– Време е, да се соочите со себеси и со историјата и, конечно, да покажете малку одговорност и карактер.
– Дали, воопшто, сте свесни за потегот со кој треба да го истретирате измамникот, кој се претставува како философ, со институтот, наречен „персона нон грата“?

Овој окапан и духовно прегладнет фламански фазан се обиде да манифестира супериорност, да нè деградира како култура и менталитет, да изигрува командант во конц-логорот, наречен ФИРОМ, да нè нарекува „несозреани, примитивни, ретардирани и неспособни да партиципираме во аферите на современиот свет“.

Конечно, да го предложиме за Нобелова награда за мир?

Како философ на глупоста и на дискриминацијата, не верувам дека ќе се задоволи со нешто помалку.

Овој мизерник на пропаднатата колонијална култура, на нацизмот и на простачкиот диктат, со своето присуство и демонстрацијата на неговата, навистина, сиромашна лична и колективна харизма, може темелно да придонесе за деконструкцијата на сите тие лажни вредности, што тој и неговото вулгарно и злобно опкружување ги нудат низ, веќе целосно пропаднатиот проект на ЕУ и на НАТО.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top