На првата самостојна изложба на Гоце Новачевски и брендот „МИКА“, која ќе се одржи во aрт кафето „Концепт 37“ во Скопје, ќе бидат претставени уникатно дизајнирани предмети од кожа.
Предметите во себе содржат уметничка и функционална вредност, наспроти светот каде доминираат производи масовно произведени на индустриски начин.
Производите се во целост рачно изработени, со користење на најквалитетна „full grain” телешка кожа и најсилен синтетички конец премачкан со природен восок. За шиењето користен е метод на древните американски ренџери кој обезбедува поголема цврстина и трајност во однос на машинското шиење, а воедно и попрефинет изглед на производот. Финално, секој производ е третиран со природен восок, кој обезбедува дополнителна заштита и трајност, а во истовреме и изглед и осет на солидност и уникатност.
„Креативноста и создавањето се мотивите поради кои почнав да се бавам со ова хоби, а случајно како материјал ја одбрав кожата, како природен материјал кој нуди големи можности. Секој производ има свој карактер, а во истовреме е едноставен и лесен за користење. Од таму, спонтано дојде и името на брендот МИКА, минимално со карактер. Изработката е бавна бидејќи секој процес (сечење, шиење, финална обработка, пакување) се работи рачно, а и користењето на шаблони е ограничено бидејќи во принцип изработувам уникатни парчиња, без потреба за повторување“, вели Новачевски.
Отворањето на изложбата е закажано за во среда, 2 декември, во 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.