| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Од колекциите на Скопје“ во Музеј на град Скопје

Во Музеј на град Скопје на први декември од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од колекциите на Скопје – Изложба на уметнички дела во сопственост на Град Скопје, културните установи и јавните претпријатија“.

„Од колекциите на Скопје“ претставува селекција на одбрани дела коишто се сопственост на Градот Скопје, на јавните установи од областа на културата, како и на јавните претпријатија основани од Градот Скопје. Сочинета е од уметнички слики изработени во повеќе техники, скулптури, графики и цртежи на автори кои живееле и твореле во Македонија.

На изложбата ќе бидат презентирани 142 дела кои потекнуваат од уметничките збирки кои се сопственост на Град Скопје, ЈП Комунална хигиена-Скопје, ЈП Водовод и канализација-Скопје, ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“, ЈУ Културно информативен центар, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ и секако ЈУ Музеј на град Скопје.

Поголемиот дел од делата кои ја сочинуваат оваа изложба припаѓаат на на автори кои се основоположници на македонската современа уметност, како и автори припадници на постарата генерација на ликовни уметници од Македонија, а следствено на тоа нивните дела како такви поседуваат и историска и уметничка вредност.

Еден од основните мотиви за организирање на една ваква, комплексна и хетерогена, поставка е токму идејата да се претстават пред македонската јавност, вредните уметнички дела кои секојдневно можат да се видат во работните простории на Градот Скопје, јавните претпријатија, но и во работните простории и депоата на културните установи на Градот Скопје. Селекцијата на делата е направена од страна на работна група формирана од градоначалникот на Град Скопје.

Изложбата се организира под покровителство на Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а реализатор на изложбата е ЈУ Музеј на град Скопје.

Изложбата ќе биде поставена до 15 декември, а за неа е одпечатен и репрезентативен каталог.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top