Македонската поп дива Калиопи ќе ја претставува Македонија на најреномираниот музички избор во организација на ЕБУ. Во централните вести на МТВ вечерва беше објавено името на македонскиот евровизиски претставник за 2016-та.
-Убедена сум дека ова ќе биде мојата животна интерпретација, дека тие три минути ќе ги претворам во вечност и ќе направам секој еден Македонец каде и да е, да се чувствува горд – изјави Калиопи, македонскиот евровизиски претставник за Стокхолм 2016.
„Македонската Радио Телевизија како членка на Европската Радиодифузна Унија, донесе одлука со која се дефинира учеството на Македонија на претстојното 61-то издание на најголемиот меѓународен музички фестивал во Европа – ИЗБОР ЗА ПЕСНА НА ЕВРОВИЗИЈА кој ќе се одржи во мај 2016, во Стокхолм, Шведска. МРТ одлучи годинава, на овој престижен и реномиран музички натпревар, честа за претставување на Јавниот национален радиодифузен сервис и Македонија, повторно да и се довери на најголемата македонска поп-рок ѕвезда, но и на едно од најголемите балкански афирмирани музички имиња – Калиопи“- се наведува во соопштението од МРТ.
МРТ не се сомнева дека со изборот на Калиопи за македонски претставник на Евросонг 2016 ќе се добие комплетен “евровизиски музички пакет” – спој на атрактивност, автентичност и исклучителни вокални можности во контекст на достојното претставување на Македонија пред европската и светска културна јавност. Нејзиното прво учество на Евровизија во 2012-тата година со песната „Црно и бело” и овозможи на Македонија влез во големото финале, оставајќи силен впечаток кај целокупната музичка јавност и публика, што сеуште трае, додаваат од МРТ.
Од таму велат дека истенчено чувство за сценски перформанс на Калиопи, маркантниот и оригинален артизам, и овозможија низа на хит рефрени кои се слушаат и се препознаваат не само на македонската, туку и на балканската музичка сцена и пошироко.
Со богата музичка биографија како интерпретатор, автор и инструменталист, позната и призната не само во Македонија туку и на Балканската музичка сцена, Калиопи соработува со врвни авторски имиња од балканското музичко миље.
И овој пат автор на македонската евровизиска композиција ќе биде Ромео Грил.
„Сигурни сме дека соработката на МРТ, со добро познатата комбинација, на поп дивата Калиопи и композиторот Ромео Грил којшто и овој пат ќе биде автор ќе резултира со модерен, атрактивен евровизиски производ , со афирмативен национален карактер“, наведуваат од македонскиот јавен сервис.
Официјалното претставување на композицијата со која Македонија ќе се натпреварува во Шведска 2016, ќе се случи на Македонската телевизија и пред македонската јавност на крајот на февруари идната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.