| четврток, 6 декември 2018 |

Како обични луѓе стануваат убијци: Се наоѓа ли зло во секој од нас?

Тешко е да се разбере како нацистите, ИСИС или други радикални групи можат обични луѓе да претворат во брутални убијци. Токму затоа, некои се прашуваат дали злото е болест, но уште поважно, дали се работи за болест која може да се излечи.

Зошто нормално младо возрасно лице би се отпишало од факултет и недолго потоа да се појави на некоја снимка на која ладнокрвно убива друго лице во име на Господ или некоја друга идеја? Ова прашање ги мачи многу луѓе во светот, откако првпат слушнале за ИСИС кој објави војна на неверниците. Пред 70 години истото прашање го поставуваа и тие кои не можеа да ги сфатат стражарите во нацистичките логори на смртта.

За жал, во меѓувреме имавме премногу прилики за повторно да го поставиме ова прашање.

Синдром З

Што обично лице го претвара во убиец? Идејата дека цивилизирано човечко битие може да биде во состојба да изврши ѕверски недела толку ни е чудна што за тоа многу често ги обвинуваме нашите животински нагони, стариот примитивен дел од мозокот кој ја презема контролата над тие порационални делови. Но, некои понови истражувања ги менуваат овие стари објаснувања па излегува дека за овие човечки недела виновни се токму „повисоките‟ т.е. поразвиените делови на мозокот.

Некои ова го нарекуваат „синдром З‟ (З – зло), додека други тврдат дека се работи за теорија на списанието New Scientist, а на која се дава премногу простор.

Имено, многумина сметаат дека на светот кој е преполн со убиства мотивирани од идеологија, му треба нови теории. Сепак, да се дефинира злото како болест е многу конзервативен потег. Многумина тврдат дека тоа би значело обид за оправдување на неделата на екстремистите или дури давање на рецепт за регрутирање на младите луѓе. Други пак сметаат дека таквиот пристап ја негира реалноста дека злото се крие во секој од нас. Застапниците на оваа идеја тврдат дека, во случај ако патологија навистина постои, тогаш општеството како целина треба да ги дијагностицира склоните поединци и да ја намали заразата.

Ако тоа ни појде од рака, можеби ќе можеме радикализацијата да ја ставиме „во рикверц‟. По Втората светска војна, однесувањето на стражарите во нацистичките концентрациони логори станаа дел од студиите во кои некои научници ги видоа како идеолошки водени и волни извршители на смртни казни, додека други нивните постапки ги толкуваа како безумно слушање на наредби. Оваа расправа повторно се разгоре кон средината на 90-тите, поврзано со геноцидот во Руанда и масакрот во Сребреница. Во The Lancet во 1996 година се појави текст во кој се истакнува дека никој не се занимава со зло од биолошки аспект.

Неврохирургот Ицак Фрajд го прифати предизвикот.

Донесувањето на одлуки и невронауката

Во истражувањето кое го објавил во 1997 година тој тврдел дека трансформацијата на ненасилните поединци во убијци го следи збир на симптоми што би значело дека се дел од заедничка состојба која тој ја нарекол „синдром З‟. Истакнал дека се работи за резултат на „конгитивен слом‟ кој се јавува кога префронталниот кортекс (задолжен за рационално размислување и донесување на одлуки) ќе престане да „обрнува внимание‟ на сигналите кои доаѓаат од примитивните делови на мозокот. Ова истражување, тврди Фрaјд, „ги заинтригирало многумина‟, бидејќи тоа може да биде „почеток на дефинирање на основните недостатоци на човечката состојба‟.

„Како што констелацијата на симптомите како што се треска и кашлица, може да значи почеток на воспаление на белите дробови, дефинирањето на констелацијата на симптомите кои го означуваат овој синдром може да значи дека би можеле да го препознаеме во ран стадиум‟ – рекол Фрajд, а многу луѓе веќе тогаш заклучиле дека се работи само за теорија на човек во потрага за вистински докази. Невронауката многу напредуваше од 90-тите години па Фрajд се одлучил да ја заживее оваа тема и организирал конференција која оваа година се одржала во Париз.

На најосновно ниво, разбирањето зошто луѓето убиваат е поврзано со разбирањето на процесот на донесување на одлуки, а невронаучниците тоа многу добро го знаат. Фрajдовата теорија почнува со претпоставката дека луѓето по природа имаат аверзија кон повредување на другите. Ако тоа е точно, вишите делови на мозокот го надминуваат овој инстинкт кај луѓето со овој синдром.

Како дошло до тоа?

Етјен Кохлин од парискиот École Normale Supérieure, се позанимавал со ова прашање проучувајќи ги луѓето во ситуации кога морале да се држат до правилата кои се косат со нивните верувања. Снимал мозоци на доброволци и ги пуштал сами да изберат меѓу две едноставни задачи, од кои едната се плаќала 6 или 4 евра. По некое време почнал спорадично да уфрлува тестови врз основ на правилата. Поставил правила врз основ на боите кои означуваат која од двете задачи треба да се избере, а во случај да одлучат да не се придржуваат на правилата, нема да добијат пари.

Доброволците ги следеле правилата иако тоа значело дека понекогаш морале да бираат задачи за кои знаеле дека донесуваат помала заработка. Но, се случило нешто неочекувано. Иако донесувањето на одлуките врз основ на правила требало да го поедностави донесувањето на одлуките, им било потребно подолго време да одлучат, исто како тоа да ги збунувало. Скеновите на мозокот покажале поголема активност на латералниот и медијалниот дел на префронталниот кортекс. Латералниот дел е чувстителен на правила, а медијалниот прима информации директно од лимбичкиот систем, дел од мозокот кој ги обработува емоционалните состојби, па така е чувствителен на вродените склоности. Со други зборови, дури и кога следат правила, луѓето се уште предвид ги зимаат личните преференци, но активноста на латералниот дел ја презема контролата.

Присилување и дистанцирање

Секако, играњето за неколку евра и убивањето на друго човечко битие се далеку едно од друго. Сепак, Кохлин верува дека резултатите покажуваат дека нашите инстиктивни вредности остануваат дури и кога играта се менува.

„Правилата не ја менуваат вредноста, само однесувањето‟ – вели тој и додава дека нормално е вишите делови на мозокот да ги надјачуваат сигналите кои доаѓаат од примитивните делови. Ако теоријата на Фрајд е точна, тоа е токму тоа што се случува со обичните луѓе кои ја надминуваат наведената аверзија кон убивањето. Истата невронаука може да ја објасни познатиот експеримент на психологот Стенли Милграм од Јеил кој уште во 60-тите покажал на што се луѓето подготвени кога слепо следат наредби.

Фрајд тврди дека луѓето имаат силна реакција на првото убиство, но потоа многу брзо престануваат да бидат чувствителни. Примарните инстинкти да не повредат некого, можат лесно да ги анулираат кога „само следат наредби‟. Во својот необјавен труд, британскиот професор Патрик Хагард со помош на скенови на мозокот покажал дека тоа е доволно да не направи помалку одговорни за своите постапки.

„Постои нешто во присилувањето што предизвикува понакво доживување на извршеното. Како тоа дека поедноставно е да се дистанцираме од луѓето отколку од нелагодноста која ја предизвикуваат со своите постапки‟ – вели Хагард.

„Обични луѓе‟

Меѓутоа, она што во бројните случаи на масовни убиства посебно привлекува внимание, било да се современи или историски, е фактот дека извршителите често убиваат и кога не им е наредено.

Во својата книга „Обични луѓе‟, историчарот Кристофер Браунинг се присетува на случај на нацистичка единица на резервниот полициски батаљон 101. Ниту еден од членовите на оваа единица не убивал по наредба. Само мал дел од нив правеле злосторства од самиот почеток, но веројатно се работело за поединци со психопатски и садистички склоности. Сепак, големо мнозинство од нив кои веднаш одбивале да убиваат, со време се трансформирале и станале подеднакво немилосрдни. Браунинг ги нарекува „рутински убијци‟ на кои еднаш кога почнале да убиваат тоа брзо им прешло во навика.

Навиките долго време биле сметани за неразмислување, полуавтоматско однесување во кое вишите делови на мозокот не се ни вклучени. Тоа би ја поддржувало идејата дека примитивниот дел ја презема контролата во ситуации кога „нормални луѓе стануваат убијци‟. Сепак, оваа интерпретација е ставена под знак прашалник, по повторното истражување на невронаучниците Ен Грејбел од MIT чија студија се бавела со луѓе со вообичаени психијатриски дијагнози како што се зависност или депресија, поради кои донесувањето на лоши одлуки им прешло во навика. Во високоризични ситуации тие луѓе ја намалуваат цената во однос на користа и прифаќаат нездраво ниво на ризик. Нејзината студија исто така вината ја припишува на вишите делови на мозокот.

Во еден од експериментите, нејзината група тренирала стаорци да стекнат одредени навики. Истражувачите ја потиснале активноста на невроните во делот на префронталниот кортекс кој ги блокира сигналите на примитивниот дел од мозокот кој се нарекува амигдала. Стаорците истиот момент ги промениле навиките.

„Старото размислување зборува дека когнитивните функции на мозокот немаат пристап кој би дозволувал проценка за ваквото однесување. Тоа е погрешно. Мозокот ја имаа таа контрола од време на време‟ – вели Грејбел и додава дека истражувањата покажуваат дека постои начин да ги лечиме опсесивно компулзивните однесувања, а можеби дури и „синдромот З‟.

Овој експеримент го овозможил техниката позната под името оптогенетика (метод кој овозможува брза и прецизна контрола на нервните активности на поедини биолошки клетки со помош на „уфрлување‟ на посебни протеини чувствителни на светслосни надразби). Тоа не може да се изведе на луѓето, но когнитивната и бихевиоралната терапија и лекови би можеле да имаат ист ефект. Грејбел верува дека дури би било можно да се запре убиствениот нагон така што системски би се оддалечувале од анализи кои би ги довеле на пример до ситуација да се разнесат во полн автобус.

Општествени битија

Целосно е друга темата дали општеството би одобрувало такви интервенции. Тоа што за некои е терорист, за други е борец за слобода. Така смета и антропологот Скот Атран од универзитетот во Мичиген, кој порано оваа година се обратил на ОН поврзано за истражување во кое се позабавил со насилството како последица на идеологијата.

Социјалниот психолог Стефан Рејчер смета дека голем проблем со т.н. „синдром З‟ е тоа што светот го дели на нив и на нас. Се претпоставува дека само луѓе со пореметен ум се способни да прават зло, а стварноста е таква што секој од нас е подготвен на тоа и дека се зависи од вистинскиот (или погрешниот) контекст. Ако сакаме светот да го направиме помалку насилно место, предвид мораме да го земеме тој контекст. Тоа од нас бара накусо да се оддалечиме од поединци и да се позанимаваме со групи.

Рејчер тврди дека Милграм во текот на својот експеримент имал многу забелешки кои многу работи откриваат. Луѓето всушност имале бројни различни реакции, од ентузијастичко учество до нервозна неодлучност. Она што пресудило на крај било тоа дали се поистоветуваат повеќе со водачот или со жртвата. Тврди дека клучно прашање е како вршителите на злосторства се доживуваат, како ја доживуваат групата со која се поистоветуваат и кого го сметаат за закана.

Тоа има смисла со оглед на тоа што знаеме за однесувањето во групи. Луѓето се развиле како исклучително општествени битија и се потпираат на припадност на група за да преживеат. Нашата склоност кон групирање е толку интензивна што само поглед на боја е доволен да се поврземе со странец кој носи иста боја како ние. Когнитивната невронаучничка Џулија Грезес од École Normale Supérieure, смета дека припадноста дури и на најмалите и неважните групи одредува како гледаме на тие кои на истата група не припаѓаат. Кон нив чувствуваме помалку емпатија и склони сме буквално да ги дехуманизираме.

Бидејќи ги прифаќаме уверувањата и системот на вредности на групата со која се постоветуваме, нашите групи влијаат и на тоа како се однесуваме кон странците.

„Тоа што навистина е токсично поделено е на припадниците на групите и на тие кои не припаѓаат на групата, што геноцидот го прават доблест и ги претставува убијците како најблагородни меѓу нас‟ – вели Рејчер.

Позитивни страни и едукација

Сепак, да се припаѓа на група може да биде и сила на доброто. Всушност, отворот за насилство исто така доаѓа во облик на колектив, како во случајот на тројцата Американци кои во август го спречија нападот на вооружен маж во Франција. Самотниците пак можат да бидат најлесен плен на тие кои шират насилен екстремизам.

Тука доаѓаме и до јинг-јанг елементот на нашиот проблем. Треба да поттикнуваме припадност на групи, тврди Рејчер и додава дека тоа можеби е и најдобра заштита од нездравите ставови дека сме поблагородни од тие кои не припаѓаат на нашата група. Треба да ги едуцираме луѓето да бидат внимателни од таквите црно-бели морални дистинкции.

И на што сме сега? И Рејчер и Атран веруваат дека идните истражувања треба да бидат фокусирани на тоа зошто луѓето се одлучуваат на екстремизам и што е тоа што ги привлекува во екстремистичките организации. Атран во своето обраќање во ОН истакна дека на младите луѓе им треба сон. Да се игра на картата уметност никогаш нема да биде атрактивно за младите во потрага за авантура, слава и важност.

Фрајд се уште верува дека можеме да извлечеме некоја корист истражувајќи што се случува во главите на убијците. Дури, тој смета дека динамиката на групите може да помогне во обидите да објасниме зошто префронталниот кортекс е корен на злото.

Сепак, додава дека не ја застапува идејата за лечење на „синдромот З‟. Наместо тоа, смета дека нашето знаење за оваа тема може да помогне да ја идентификуваме радикализацијата на самите почетоци, да ги изолираме тие кои се под влијание и да им помогнеме да се променат.

„Знаците и симптомите треба да бидат познати на сите, така сите да можеме да ги забележиме‟ – тврди Фрајд и додава дека со критичарите на својата теорија се согласува во едно: едукацијата е клуч.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top