Полицијата на Белгија приведе најмалку десет луѓе во Брисел и во реонот на Берж во провинцијата Валонски Брабант.
Четири лица се приведени при проверка на сомнителен автомобил на плоштадот Гран Саблон во центарот на Брисел, а претходно шест луѓе се задржани на бензиска станица во реонот на Берж. Главниот осомничен за нападите во Париз, Салах Абдеслам, често застанувал на таа бензиска станица.
Претходно, белгискиот премиер Шарл Мишел изјави дека Националното координативно тело за безбедност имало дојава дека за денеска, еден или повеќе терористи имале намера со експлозиви да се разнесат на различни места во Брисел.
Поради таквите информации денеска е кренато нивото на закана од тероризам на највисокиот четврти степен во целиот регион главниот град. Четвртиот степен на закана од тероризам значи дека заканата од терористички напад е „сериозна и неизбежна“.
По денешниот Совет за национална безбедност на Белгија, премиерот Мишел објави дека е отворен кризен телефонски број „1771“, каде лица што имаат информации за чудни движења и појави, како и за можни терористички напади ќе може да се јавуваат.
Тој не сакаше да го прецизира бројот на податоци за видот на информациите што доведоа денеска метростаниците во метрополата да останат затворени, за огромната присутност на белгиската полиција и војска на улиците на главниот град и акцијата на специјалните сили во населбата Порт де Намур во Брисел, која е на стотина метри од Европскиот парламент.
– Ризикот од напад, формално не се исклучува. Силната мобилизација на јавниот транспорт, а посебно на метрото, каде има многу голема бројка на луѓе што се движат, па поради неможноста целокупното движење во истите во целост да се исконтролира, одлуката е да се затвори метрото до недела попладне. Утре, Координативното тело за анализи на закани (ОЦАМ) ќе се состане да одреди дали може да се намали нивото на закана и да се отворат метростаниците, истакна премиерот Мишел.
А, претходно, министерот за внатрешни работи Јан Јамбон, порача дека ќе се проверува „куќа по куќа“ во бриселската населба Моленбек Сен Жан, каде се претпоставува дека се крие моментно најбараниот терорист во Европа, Абдеслам, едне од учесниците во грозоморниот терористички напад што минатата недела се случи во париз, кога беа убиени 129 лица, а 350 беа повредени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.