Вечер во Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија ќе биде отворена изложбата “Ретро-спекции” на која ќе бидат претставени дела на македонските ликовни уметници Благоја Маневски и Јован Шумковски. Изложбата се организира во соработка со Националната Галерија на Македонија од Скопје и е во рамките на годишните програми на двете институции. Настанот ќе го отворат директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров и кураторот на изложбата Ана Франговска. Делата на двајцата познати ликовни уметници ќе бидат изложени до 2 декември.
Благоја Маневски и Јован Шумковски се едни од најафирмираните и клучни имиња во генерирањето на македонската современа сцена. Тие се претставници на генерација творци што ги почнаа своите активности од средината на осумдесетите и во крајот на таа и во наредната деценија извршија поместувања и осовременувања на визуелниот уметнички израз на национално ниво. Нивниот „револуционерен“ подвиг кој се прелеваше и низ содржинско-концепцискиот дискурс и низ техничко-технолошките иновации на добата е причина за насоките што ги следеа понатаму и идните уметници во оформувањето на македонскиот ликовен паноптикум. Тие се денес главна алка во едукативниот систем (како професори на Факултетот за ликовни уметности) и во моделирањето на профилот на идните творци.
Иако според изразноста многу различни, сепак често изложуваат заедно бидејќи на духовно ниво се мошне сродни, секогаш носејќи го духот на времето и на актуелноста. Изложбата „Ретро-спекции“ не е нивна ретроспектива иако името веројатно носи такви асоцијации, но всушност станува збор за навраќања наназад со неизложувани дела или со синестезии чија аналогија може да се најде во поранешни идеи, концепти и дела. Еден вид нурнување назад со цел да се даде една нова звучност и рецентност денес и сега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.