| четврток, 6 декември 2018 |

Бездарници и исфрустрирани опортунисти

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

Во хиерархијата на нештата што човекот го чинат достоен – како човек, како личност, на прво место е „генетиката“, втиснатото во нашиот геном (верувам, со ова ќе се согласи и професорката Кочова!); потоа е „здобиеното“ – до фамозната седма година, и, на крајот, влијанието на околината, опкружувањето… со мало или никакво значење во дадениот контекст…

Во основа, генетиката е одговорна за сè. За тоа што го правиме, креираме во животот, за односот кон другите – тие што нè опкружуваат дома или во професионалниот амбиент – на патот што ќе го одбереме, по кој ќе се движиме, пробиваме низ животот.

Во генетиката лежи основата (корените) на нашето „животно поведение“. Надареноста или бездарноста се генетските кодови силно одговорни токму за „животното поведение“ на една единка.

Надареноста – како предиспозиција, како генетски код на една индивидуа, е благослов и благодат за сите. Заради позитивното зрачење – еманацијата што облагородува. Заради ширината и благоста на душата – на надарените, на мајсторите /на својот занает/, без оглед на едукативниот степен.

Лек за недостигот од природна надареност – нема. Извесна компензација (секаде, освен во уметностите!), верувам, може да овозможи силната волја, трудот, посветеноста. Tоа, не е „тоа“, ама заслужува почит заради вредносните човечки доблести.

Бездарноста е другата страна „на медалот“, проклетство за бездарните, а голема несреќа за тие што имаат бездарни во опкружувањето. Особено е опасно, да имате бездарник /неспособен/ во професионалната средина! Како малигном /рак/, во еден организам! Крајно некритични, а желни за „височини“. Својата бездарност, неспособност и незнаење, бездарните ги компензираат со ароганција, лаги, манипулации, апсурдни, монструозни конструкции за девалвација на тие, чиешто квалитативно рамниште им е недостижно; ниту професионално, ниту од аспект на човечките доблести… Кај бездарниците, неспособноста, ароганцијата и бескрупулозноста се врзани правопропорционално; моралот и етичноста им се туѓи. Колку понеспособен – толку поарогантен, побезмилосен во своите постапки и однесувањето. Во дадени услови, заради ваквите поединци или групации, страдаат личности*, нивните семејства; во политиката – цел еден народ!

* “Ме убија бездарниците!” – се зборовите на македонскиот актерски колос Ристо Шишков, искажани пред крајот на неговото животно патешествие. И, многу други човечки судбини се поврзани со дејствувањето на бездарници…

Во професионалниот живот (покрај сите радости, задоволства, сатисфакции), и самата ја имав таа „среќа“, во непосредното опкружување да имам личност како опишаните. Преживеав пекол, состојба креирана од манипулаторка, бездарничка; за многумина позната како „професорката по децко“… (на првиот час по еднонеделната голгота, на моите студенти им порачав да се држат подалеку од неспособни, бездарници… ако е возможно. (Оваа порака е единствената „претензија“ на овој дел од текстот).

На пошироко, општествено ниво, од бездарници, неспособни, неинвентивни, исфрустрирани опортунисти и самонаречени елитисти во политичкиот живот на една земја, страда целиот народ. Повеќе од една година, тоа се случува во Македонија. Македонските граѓани се жртва на незадоволството на опозицијата (СДСМ) и нејзиното непомирливо чувство на политичка маргинализација. Сите ја плаќаме цената на нивната некритичност, нерационалност, неработливост. Ја плаќаме цената на нивното неспособно, безидејно, неаналитично раководство. Најмалку е важно, барем од наш, граѓански аспект, дали сето ова што се случува на политички план е „масло“ на надворешни фактори – на притисокот на „нашите“ странски амбасадори, макар биле тие и на моќни европски држави. Без полтронството и антидржавните амбиции на СДСМ и други слични на нив, немаше да се наоѓаме во ситуацијата, во која се наоѓаме: – игнорирана е државата, нејзиниот устав, игнорирана е волјата на народот!

П.С. Во целата ненормална, неприродна, недемократски наметната ситуација во државата, премиерот Груевски заслужува честитки! – За ентузијазмот, за нескршливиот дух што го има; заради тоа, што, и во време на ова политичко насилство /лудило!/ во земјата предизвикано од СДСМ – интензивно ги реализира предвидените проекти /на Владата/ за изградба на земјата и општеството; за доброто на Р. Македонија и нејзиниот народ. Го заплашуваат со медиумски молк за неговите (на Владата) остварувања; (многу од нив, со карактеристики на државотворност). Ама, на успешните – не им се неопходни медиумски реклами… Оттаму, што се однесува до претстојните избори /април 2016 година/… во претходно споменатиот контекст – на премиерот Груевски, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ – верувам, сосема сеедно му е, дали ќе има медиумски промотивни ограничувања, или не. Него и неговата партија ги промовира создаденото во државата, во деветте години од нивното владеење; Видливо на секој чекор, за сите; во сите сфери.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top