1.
Откако на опозицијата ѝ стана јасно дека ниту бомбите не ѝ помогнаа да го придобие народот на своја страна, сѐ поизвесно е дека до април ќе смислува план Б како да се спречи исполнување на волјата на граѓаните. Дали ќе успее да го стори тоа преку разгорување нови меѓуетнички тензии, останува да видиме. Тоа што засега го гледаме е уште еден безобѕирен обид за „играње со оган“ преку актуaлизирање на многу опасниот проект за федерализација на Македонија и за создавање на трета албанска држава на Балканот. За таа цел се злоупотребува Охридскиот договор, кој и покрај негодувањето на многумина, во 2001 година беше прифатен како рамка за меѓуетничкиот соживот во државата и како цена која треба да ја плати секој македонски граѓанин за мир во куќа. Излегувањето од рамките на договорот не е ништо друго освен мамење и понижување на народот. Секој што ќе се обиде да го изигра договорот или не дај Боже да наметне нов, треба да биде свесен дека ќе добие жесток одговор директно од граѓаните. Тоа го знаат сите и токму поради тоа постои сомневање дека опозицијата и нејзините „надворешни пријатели“ ќе сакаат да предизвикаат нови безбедносни проблеми.
2.
Во извештајот Брисел бара „властите да демонстрираат вистинска политичка волја за да обезбедат целосен независен судски систем“. Во ред. Но дали истата порака важи и за останатите политички субјекти (на пример, за опозицијата и за амбасадорите)? Кој друг освен лидерот на опозицијата може да си дозволи дрско и безобразно да бира кога ќе признава, а кога ќе негира судски одлуки и наредби? Ќе објасни ли Брисел под чиј притисок и под чие влијание се промени одлуката на Советот на обвинители за зголемување на тимот на Јанева? Дали тој притисок е во рамките на европските стандарди? Кога сме кај специјалниот обвинител, може ли некој од меѓународната заедница да објасни зошто судиите во Уставен суд не се осмелуваат да ја оценат уставноста на паралелната институција „специјален обвинител“? На уставните судии не им треба иницијатива, односно можат самостојно да иницираат оценување на уставноста на одреден акт. Ако е така, тогаш зошто не преземаат мерки за заштита на Уставот? Се плашат дека Мијалков и Груевски „немилосрдно ќе им се одмаздат“ затоа што ќе го почитуваат Уставот? Или, можеби, не се способни „праведно“ да оценат?
3.
Опозицијата со гордост прераскажува како медијаторите на силеџиски начин наметнале две точки во договорот од Пржино – Законот за специјален обвинител и преземањето на Министерството за внатрешни работи. Оттука доволно е јасно под чиј притисок молчи судството за специјалниот обвинител. Но, ќе има ли доблест некој од амбасадорите кои го прозиваа Груевски дека не го почитува договореното, да им објасни на граѓаните како Оливер Спасовски стана „технички министер“ за внатрешни работи, кој според договорот од јуни, требаше да биде назначен од граѓанскиот сектор? Дали рокот беше пробиен затоа што прозованиот Груевски барал министерот предложен од СДСМ да биде висок партиски кадар со ингеренции надвор од договорот од Пржино или затоа што се противел на тоа непринципиелно барање?
4.
Новоназначениот шеф на полицијата, пак, пред да седне во фотелјата ќе мора прво да им се извини на полицајците за навредите и за понижувачкиот однос кон нив. Најпрво да се поклони пред хероите од Куманово и да побара прошка од бранителите и од семејствата на загинатите специјалци. Новиот министер неколку дена пред да биде официјално назначен го посети Гостивар, но не се осмели да запали свеќа на гробовите на четворицата загинати специјалци од Полошко – Сашо Самојловски, Горан Илиевски, Жарко Кузмановски и Ненад Серафимовски. Спасовски ќе мора да им се извини на сите оние повредени полицајци од насилните протести организирани од неговата партија во март. Како ќе има лице овој човек да раководи со луѓето што ги нарече „најголем срам за МВР“ само затоа што ги бранеа институциите на државата? Ќе има ли храброст директно да им каже на вработените кои се „малкуте професионалци во МВР“ на кои исклучиво им се обраќаше пред неколку месеци и да им покаже како се раководи професионално со институцијата?
5.
Лидерот на опозицијата најави дека во април нема да биде повеќе градоначалник, затоа што „ќе ја добиел честа да биде премиер“. Кој очекува да му даде мандат? Ако мисли на народот, човекот е во тешка заблуда, ако мисли на странските пријатели, тогаш е во уште поголема заблуда.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.