| четврток, 6 декември 2018 |

Научниците потврдија што гледаат речиси сите луѓе во моментите пред смртта

Искуството „визија на починатиот“ благотворно делува на оние кои се подготвени да умрат.

Група научници од њујоршкиот колеџ Канисиус потврдиле дека речиси сите луѓе во пресрет на смртта ги гледаат починатите пријатели или роднини, а некои во пресрет на „заминувањето на другата страна“ гледаат верски фигури.

Феноменот познат како „визии или сништа пред умирање“ е добро документиран низ минатото и во различните култури, а научниците од споменатиот колеџ не навлегувале во тоа што луѓето на смртна постела навистина доживуваат, дали има тука нешто паранормално или тоа е само игра на мозокот, туку се фокусирале на влијанието кое тоа го има врз нив.

А, испаднало дека тие визии имаат позитивен ефект врз психата на оној кој се подготвува за смрт, односно дека таквите визии им помагаат при преминувањето од оваа страна на другата.

Научниците дошле до овој заклучок преку секојдневно разговарање со 66 пациенти кои го чекале својот крај и откриле дека повеќето од нив имале барем една таква визија дневно. Околу половина од визиите им доаѓале во сон, а секоја од нив им делувала ужасно реално.

Интересно, визиите на починати пријатели или роднини испитаниците ги опишале како нешто што многу повеќе ги смирувало од глетките на оние кои остануваат на овој свет, а воедно е потврдено и дека визиите зачестувале колку што личноста повеќе се доближувала до смртта.

„Визиите можат да се појавуваат со месеци, недели, денови па дури и часови пред смртта и претежно го ублажуваат стравот од смртта, односно им помагаат при транзицијата на оние кои ги доживуваат“, напишале научниците во својот извештај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top