По настаните во Куманово, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и на Италија, неделава по вторпат ја погазуваат сувереноста на државата и јавно вршат притисок врз легитимно избрана власт во обидот да го извлечат од дупка Зоран Заев. И во мај, и сега, пораката до нив е јасна – мандатот на власта ѝ го дава народот, а не дипломатите. Народот е тој што решава кој ќе ја води државата, а не амбасадорите. Тие се добредојдени да бидат партнери со граѓаните во спроведувањето на реформите за побрза евроатлантска интеграција, но во тој случај мора да бидат многу поискрени кон нив и многу повеќе да ја почитуваат нивната волја. Ако пак, веќе сметаат дека народот не е доволно информиран и греши што ѝ дава силна поддршка на власта (како што јасно покажуваат сите анкети досега), тогаш ќе мораат многу подиректно да ѝ се обратат на македонската јавност, но и да бидат подготвени да одговорат на многу прашања во врска со кризата.
Со сета почит кон оние дипломати што имаат искрена волја да помогнат во надминување на кризата и во воспоставување на подобар систем на вредности во општеството, но мора да се има предвид дека за дел од петте амбасадори има сериозни сомневања дека владеењето на правото и благосостојбата на државата, и тоа како, не им се приоритети. Кога на сите сомневања и шпекулации ќе ги додадеме ваквите дипломатските преседани, со притисоци за кршење на Уставот и со нарушување на суверенитетот на државата, со право се прашуваме дали „пријателите на Заев“ сакаат да ѝ помогнат на државата или комплетно да ја турнат на колена и да ја претворат во протекторат.
Доколку амбасадорите сакаат да бидат прифатени како вистински пријатели на македонскиот народ, а не како коњица на разнебитувачите на државата, тогаш ќе мораат да бидат многу поотворени и да одговорат на многу прашања, вклучително и на оние за аферата прислушување и за случувањата во Куманово, каде што се споменуваат и имиња на дел од сеприсутните дипломати.
Ако веќе решиле да излезат од рамките на надлежностите за да го убедат народот дека премиерот навистина не се придржувал кон договорот од Пржино, тогаш треба директно да посочат што е тоа што ВМРО-ДПМНЕ одбива да прифати? Дали тоа што го одбива ВМРО-ДПМНЕ е во рамките, или надвор од рамките на договорот од Пржино и дали тоа што се бара е во рамките на Уставот кој досега неколкупати беше прекршен?
Да, ВМРО-ДПМНЕ има обврска да го почитува договорот од Пржино, но нема обврска да излегува надвор од рамките на договореното. Да не зборуваме пак за кршење на Уставот. Истото важи и за опозицискиот СДСМ. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, како владејачка партија има одговорност не само пред нејзините гласачи, туку и пред сите граѓани во државата да ги штити сувереноста и независноста на државата и да овозможи непречено владеење на правото. Дали судските процеси ќе засегнат некој од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ, или од амбасадорите во државата, воопшто не е важно и такво нешто не смее да биде дел од преговорите. Амбасадорите треба да бидат гаранти дека договорот ќе се почитува согласно со Уставот во државата, да реагираат кога некој ќе работи спротивно на договореното, но во никој случај не смеат да охрабруваат директно мешање на четворицата лидери во работата на судот. Народот сака и мора да ја дознае вистината и за аферата со прислушувањето и за аферата Пуч, а одговорните немаат друг избор освен да завршат зад решетки, ако се докаже нивната вина. Народот ниту сака, ниту заслужил политичките војни да се водат на негов грб. Граѓаните не смеат во ниту еден момент да бидат заложници на политичките елити, а камоли, пак, таквата состојба да трае со месеци и со години… Затоа, последниот збор мора да го има народот, а не амбасадорите, колку и да сакаат да биде поинаку.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.