Црногорската револуција што може да кулминира до утре (сабота 24 октомври 2005) е уште една од политичките драми што се случуваат во регион каде што покрај реалните економски, етнички и политички тензии постои чувство дека глобалната поделба на интересни сфери по урнекот на договорот од Јалта, сè уште не е завршена. За земјата која повеќе од 24 години е водена од иста политичка номенклатура, нема дилема дека постојат добри аргументи за промени. Црна Гора од 1991 година е под контрола на екскомунистите, односно на Демократската партија на социјалистите предводена од контроверзниот Мило Ѓукановиќ, кој во последниве две и пол децении прво беше премиер во два наврата, потоа претседател, за повторно да се врати на премиерската позиција. Малата приморска земја што доживеа економски, поточно туристички бум со продажба на дел од своето приморје, претежно на руски тајкуни во светот, покрај по своите плажи и по своите монденски летувалишта е позната и како центар преку кој се води трговија со дрога од Блискиот Исток до ЕУ. За тоа сведочат и неколкуте истраги на италијанските судови, кои, како главен организатор го посочуваа семоќниот Ѓукановиќ, но никогаш не дојде до правна разврска на овие сомнежи. Она што е симптоматично за најновите протести во Црна Гора е тоа што, иако незадоволството од владеењето на Ѓукановиќ е присутно со години, тие во ваква форма и интензитет се случуваат откако Црна Гора ја спомена и Кери, но и по тоа што се случуваат по истиот аршин кој претходно го видовме во Македонија и во Украина. Исто како и во Македонија, и таму не е јасно дали се работи само за обид на опозициските сили да дојдат до власт по долги години во опозиција или, пак, се работи за сложена операција и логистика поддржана од повеќе центри кои сакаат да ги спроведат своите интереси на линијата на огнот. Коментарите што прво дојдоа од Русија, а кои на некој начин ги поддржаа демонстрантите кои, според Кремљ, не се согласуваат со влезот на Црна Гора во НАТО, доволно зборува за тоа дека малата Црна Гора е важна и многу експлозивна точка на линијата каде што, според Кери, може да има пожар. Дополнителен фактор што укажува на тоа дека протестите не се автентично црногорски е тоа што тие кулминираа откако во Подгорица пристигна шефот на НАТО, Столтенберг, посета што многумина ја оценија како подготовка за влез на јадранската земја во Северноатлантската алијанса.
Паралели и дијагонали
Неблагодарно е да се прават паралели меѓу земјите што оваа и минатата година се соочија со сериозни политички кризи, но ако се има предвид дека врие речиси во сите земји што се на линијата на огнот, објективно, зборовите на Кери во Комитетот за надворешни работи на американскиот Конгрес не биле само анализа, туку јасни сознанија и порака земјите да се подготват за проблеми. Иако и во Црна Гора сега не може да се тврди дека зад демонстрантите стојат руски интереси, ниту во Македонија може да се биде сигурен дека зад протестите на опозицијата стојат западни служби, јасно е дека големата битка за превласт меѓу САД и Русија се спушти на оперативно ниво. Случаите во Грузија, Украина и до пред неколку месеци, во Молдавија (сите земји на линијата на огнот), покажуваат дека двете најмоќни воени сили нема да запрат со одбрана или со офанзива за да ги остварат своите геостратешки интереси.
Методи и тактики
Во остварување на своите цели, САД и Русија користат различни тактики, а рака на срце и во самите земји постојат различни ситуации и модели. За Црна Гора, на пример, логично би било САД да стојат зад демократската опозиција која сака да го урне екскомунистот Ѓукановиќ поради слабости во демократскиот систем, како немање слобода на медиумите, партизирана администрација, судство под контрола на владејачките партии, малцински права и слично. Логично би било зад Ѓукановиќ, кој заедно со Момир Булатовиќ десет години стоеја цврсто зад својот идол, Слободан Милошевиќ, да стои Русија, но во политиката, особено во меѓународната политика, не оди сѐ според логичките принципи. Затоа, на голем број македонски граѓани не им беше јасно кога се виде дека можеби Москва, а не Вашингтон стои зад протестите во Подгорица. Да беше Ѓукановиќ против НАТО, веројатно овој поглед на конфликтот во Црна Гора ќе беше најисправен, но вака, со сериозни тензии во Европа и на Блискиот исток, во кои Русија и САД не се партнери туку противници, сите опции се во игра, па дури и некогашни антиамерикански активисти и министри во владата на Милошевиќ за време на нападите на НАТО на Србија, како српскиот премиер Вучиќ, да бидат централни западни фигури на Балканот.
Србија останува единствена без тензии
Многу аналитичари се убедени дека засега Србија успева да балансира меѓу Москва и Брисел/ Вашингтон, но дека тоа не може да трае вечно. Уште поголем број познавачи на состојбите се уплашени дека нејасната политичка ситуација во Србија би можела да го донесе најголемиот конфликт во регионот, односно на линијата на огнот. Засега, Николиќ и неговото протеже Вучиќ, успеваат да ја убедат српската јавност дека Србија може да остане воено неутрална, односно дека не мора да влезе во НАТО, во исто време да одржува одлични односи со Русија и паралелно да води преговори за членство во ЕУ. Објективно, Србија, која има исклучително важна геостратешка позиција на Балканот, игра добро; освен малите инциденти, таа сосема добро ја турка кризата со бегалците. За Русија сѐ уште е најпријателската земја во Европа, а пред своите пријатели НАТО и ЕУ српските политичари се однесуваат како да заборавиле на илјадниците граѓани што загинаа во нападите на НАТО во косовската војна во 1999 година. Прашање е само кога ќе заврши оваа ситуација. Доколку нема глобален договор меѓу САД и Русија за тоа дали некоја земја може да ја игра играта на Тито и дали Србија може навистина да остане неутрална, брзо ќе дојде денот кога Белград ќе треба да одлучи како маршалот во 1948 година. А тогаш, не само што од Прешево до Суботица ќе се случува народ, туку загрозена ќе биде стабилноста на целиот регион. Нерешените прашања во Јужна Србија, Република Српска и Северно Косово се темел на кој може да се прекрши каква-таквата стабилност во овој дел од Европа.
(Текст објавен во 164. број на неделникот Република, 23.10.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.