| четврток, 6 декември 2018 |

Рускиот мистичен театар „У моста“ на МТФ „Скупи фестивал“

Вечерва, 29 октомври, во рамките на МТФ „Скупи фестивал 2015“ на сцената на МКЦ во 20 часот ќе се прикаже претставата „Паночка“ на рускиот театар од Перм, „У моста“.

Театарот „У моста“ е еден од најпознатите руски театри, еден од десетте најдобри театари во Руската Федерација според „Форбс“, кој гордо го носи епитетот „единствениот мистичен театар во светот“. Основач на театарот е Сергеј Федотов, кој е режисер на претставата „Паночка“, а неговите претстави претставуваат мост меѓу реалното и надреалносто, секојдневнието и мистика, свесноста и интуитивноста.

Артистичкиот метод на Федотов цели кон продолжување и продлабочување на традицијата на рускиот психолошки театар, збогатен со откритијата на школите на Михаил Чехов и Ежи Гротовски.

Жанрот на претставата е апсолутно уникатен и соединува хорор, комедија и филозофска алегорија. Публиката е или потресена од хомеровски смев, или парализирана од терор и преплашена.

„Паночка“ е претстава на контраст во која идилата на украинската вечер се менува во застрашувачки хорор на проколнатата црква и духовитата гозба на козаците се претвора во Сабат на вештерки и мрачни сили. Успехот на претставата се должи на тоа што покрај сите шеги, без разлика дали се смешни или застрашувачки, постои длабока физолофска смисла која нуди одговори на многу од прашањата, кои најмногу нè засегаат.

Претставата е „визит-карта“ на театарот „У моста“. Во 1990 година, веднаш откако „Паночка“ е поставена на сцена, театарот здобива статус на мистичен театарот и ги носи натприродните сили на сцена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top