| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва на „Скупи фестивал“ претставата „Вампир“

Претставата „Вампир“ во продукција на Драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград вечер ќе биде изведена на 10. издание на „Скупи фестивал“.  Претставата ќе се одигра со почеток од 20 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје, сала Фросина.

Автор на текстот е Антон Страшимиров, режисер е Маргарита Мачева, а сценограф Георге Славков. Во „Вампир“ играат Албена Чобанова, Лили Сучева, Лачезар Катсарски, Илија Павлевчев, Зафир Раџаб, Канчо Канев и Билјана Дилкова.

Според режисерката Мачева, светот во „Вампир“ се темели врз строги правила, ставени пред чувствата, желбите и личниот избор.

– Кршењето на овие закони води во бездна. Неспособноста на човекот да се справи со своите желби и страсти води кон самоуништување и смрт. „Вампир“ е претстава за нерационалните желби, за храброста да се биде поинаков, за внатрешниот порив и за борбата за опстанок во свет во кој овие пориви се забранети, смета Мачева.

Претставата не се препорачува за лица под 14-годишна возраст.

Оваа интернационална манифестација ќе се одржува до деветти овој месец во Младинскиот културен центар-Скопје, со поддршка на Министерството за култура и Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top