| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани публикации за најзначајните вредности од културното наследство

Во Археолошкиот музеј денеска беа промовирани вредни публикации за најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија.

-Убавините на македонското културно наследство и природното богатство на нашата држава, Република Македонија,  за неколку дена ќе бидат презентирани и  пред вљубениците во археолошките подвизи  на двата исклучително значајни саеми за културно наследство и туризам во Италија и во Франција.  Република Македонија втора година по ред ќе биде претставена на најголемиот светски Саем на археологијата и туризамот (29 октомври до 1 ноември), кој веќе 19 години се одржува во италијанскиот антички град Пестум, а со вредностите на македонското културно наследство ќе се запознаат и посетителите  на 21. Меѓународен саем на културно наследство кој од 5-8 ноември ќе се одржи во престижниот изложбен простор Карусел во рамките на славниот музеј Лувр во Париз. Бројката од 350 излагачи од целиот свет и повеќе од 25 илјади експерти од областа на заштитата на културното наследство, историчари на уметноста, археолози, занаетчии и архитекти, јасно го потврдува значењето на оваа светска саемска манифестација во чии рамки уверена сум дека ќе биде видливо присуството на Република Македонија – рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Проектот „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“ предвидува издавање на 130 публикации на англиски јазик  поделени во четири едициски целини кои ќе ги претстават најрепрезентативните сакрални споменици од средновековната, доцносредновековната и преродбенската епоха, комплексните археолошки локалитети од праисторискиот и античкиот период, богатите манастирски ризници од доцниот среден век и најимпресивните македонски еко-пејзажи.

-Уверена сум дека публикациите ќе бидат повик за разоткривање  на нашата земја, повик за сите посетители од странство да ја посетат Република Македонија и да се запознаат со материјалната и со духовната култура на нашето поднебје, со природните ресурси и со ремек-делата на нашето уметничкото творештво,  со македонската историја и со нејзиниот специфичен и јасно препознатлив код, кој го одбележува нашето место во цивилизацијата на човештвото -подвлече Канческа-Милевска.

Денеска беа промовирани преведените изданија на англиски јазик за „Црквата Св. Пантелејмон во Нерези“ на проф. д-р Елизабета Димитрова, за  „Манастирот Зрзе“ на м-р Дарко Николовски, „Висока и Старо Бонче“ на професорите д-р Виктор Лилчиќ–Адамс и д-р Антонио Јакимовски, „Шарената џамија во Тетово“ на  м-р Зоран Павлов, „Скупи“ на археологот Ленче Јованова, „Скопско Кале“ на проф. д-р Драги Митревски, „Стибера“ на археолозите Лилјана и Костадин Кепески, „Хераклеја Линкестис“ на авторите Аница Ѓорѓиевска и Енгин Насух, „Тетовско Кале“ на археологот Љуљета Абази и „Цареви Кули“ на  археологот Зоран Рујак.

-Едицијата „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“ е повеќегодишен проект и во таа смисла очекуваме останатите 120 публикации  да бидат промовирани пред македонската и меѓународната јавност до крајот на 2018 година – истакна министерката.

Пред присутните се обрати и директорот на Управата за културно наследство, Виктор Лилчиќ, а изданијата ги претстави академик Вера Битракова-Гризданова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top