Министерството за образование и наука за околу четириесет дена ќе распише јавен повик со кој ќе додели финансиска стимулација, еден вид субвенција наменета за средните стручни училишта во Република Македонија. Субвенцијата ќе биде во насока на интензивирање и формирање училишни компании и за иновативни проекти во средните стручни училишта.
Новата владина мерка денеска ја најави заменикот министер за образование и наука Спиро Ристовски, кој заедно со скопскиот градоначалник Коце Трајановски ги посети трите реални училишни компании, кои функционираат во рамки на средното стручно училиште „Здравко Цветковски“.
– Со ова како влада се фокусираме на развојот на средното стручно образование како еден од одговорите на потребите на пазарот на труд. Висината на износот на оваа финансиска стимулација ќе биде 20 илјади евра по училиште или доколку две или три училишта се спојат со една единствена заедничка идеја или заеднички проект за основање компанија или за иновативен проект, висината на финсиската стимулација ќе изнесува 30 илјади евра – појасни Ристовски.
Ова, како што нагласи, го работиме заедно со Светска банка, во рамки на проектот за развој на вештини при Mинистерството во насока на модернизација на средното стручно образование.
Заменик-министерот апелираше училиштата да се подготвуваат, да почне да се размислува креативно, да се подготвуваат идеите и иновациите и да бидат подготвени за да аплицираaт до МОН. Досега 11 училишни компании функционираат во различни области, најмногу во Скопје, но има и во другите градови низ државата. Ристовски изрази надеж дека бројот на овие компании во следниот период ќе се зголеми.
Ова училиште треба да послужи како пример за другите средни стручни училишта во Скопје и во Република Македонија. Со таквата активност се остваруваат дополнителни приходи во училиштето, нагласи Ристовски.
Градоначалникот Трајановски информира дека во училиштетото се отворени три компании за проектирање, лабораторија и компанија за суви градежни работи. Според него, учениците преку компаниите имаат можност дополнително да се запознаат со практичната настава, да почувствуваат претприемачки дух и по завршувањето на овразованието да бидат подготвени за пазарот на трудот.
Директорката на „Здравко Цветковски“, Драгица Костадиновска, рече дека покрај образовната дејност, имаат цел учениците кога ќе го завршат своето образование да бидат добри претприемачи и да бидат оспособени да работат самостојно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.