Анализата на примероците на крв извршена од страна на Министерството за внатрешни работи покажа 1,23 промили, односно 1,75 промили алкохол во крвта на лекарите анестезиолози, кои учествувале во закажаниот оперативен зафат за породување во Општата болницата во Гевгелија во четвртокот во кој починаа родилката и новороденчето. Кај лекарите гинеколози не е констатирано присуство на алкохол во крвта, соопшти Основното јавно обвинителство – Велес.
Обвинителството веќе ја почна предистражна постапка за смртта на родилката и на новороденчето и во изминатите два дена се сослушани поголем дел од медицинскиот персонал кој го извршувал оперативниот зафат, а денеска продолжува сослушувањето на останатите лица од персоналот. Прибавена е и целокупната медицинска документација за оперативниот зафат и за прегледите на родилката што претходеле на зафатот, како и резултатите од извршените претходни испитувања.
– Надлежен јавен обвинител со цел утврдување на причините за смртта, до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија – Скопје, достави Наредба за судско-медицински преглед и обдукција на телата на починатите. Во исто време донесена е и Наредба за анализа на крв на лицата кои го сочинувале тимот што го вршел зафатот, поради добиеното сознание дека двајцата лекари анестезиолози биле во алкохолизирана состојба, се вели во соопштението од ОЈО Велес.
Оттаму прецизираат дека веќе се добиени извештаите од судско-медицински преглед и обдукцијата, а во тек се дополнителни анализи и испитувања што треба да ги утврдат причините што довеле до смртта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Животот со глава се плаќа во мандатот на Филипче: Родилка во кома хоспитализирана на геријатрија
-
Медицинска компликација причина за смртта на родилката од Свети Николе
-
Гинекологија Чаир: Родилката почина како резултат на комплицирана бременост
-
ДЗСИ ги проверува картоните кај матичниот лекар и гинеколог на родилката од Гевгелија која почина на КАРИЛ