| четврток, 6 декември 2018 |

Авторот на „18% сиво“ гостин на „Букстар“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство го најавува гостувањето на бугарскиот писател Захари Карабашлиев на „BookStar“, првиот фестивал на европската литература во Македонија. На 22 октомври 2015 година (четврток), со почеток во 20 часот, во Галеријата при Mладинскиот културен центар ќе биде промовиран неговиот роман „18% сиво“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Душко Крстевски. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Романот е бестселер во Бугарија со вкупно 22 изданија и е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2008. Во анонимна анкета на телевизијата ББС е избран меѓу стоте најомилени книги на бугарските читатели. Во Скопје ќе го промовираат литературните критичарки и универзитетски професоркиАнгелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, ќе читаат самиот автор и актерката Арна Шијак.

Писателот Захари Карабашлиев е познат бугарски прозаист и драмски автор, а пишува и филмски сценарија. Неговите драми се играни во Европа и во Америка. Делата му се преведени на речиси сите европски јазици. Од 2014 година, тој е главен уредник на најголемата издавачка куќа во Бугарија, „Сиела“. Освен писател, овој автор е и режисер и фотограф, па тие негови афинитети се забележуваат и во неговите дела, особено во романот „18% сиво“. Член е на бугарскиот ПЕН центар.

Овој роман, напишан од перспективата на еден Бугарин што го живее едноличниот американски сон, се одликува со динамичен и хумористичен јазик. Главниот лик Зак, потресен од ненадејното исчезнување на неговата сопруга Стела, се обидува да ја удави тагата во Мексико, а потоа се враќа во САД со украдена марихуана. Користејќи го ова како повод да го смени својот живот, тргнува кон Њујорк со „ганџата“ и со стар „никон“. Низ објективот на фотоапаратот, почнува да се открива себеси, фотографирајќи ја темната страна на Америка. Неговото патување води низ серија настани опасни за животот, прошарани со сеќавањата на неговиот однос со Стела и со животот во Бугарија од крајот на 1980-тите.

Според критиката, романот „почнува како позната современа јужнокалифорниска pulp fiction, можеби како една од приказните во филмот „Седум психопати“, а јазикот на Карабашлиев е „динамичен, остроумен и изобилува со детски хумор“.

Наскоро претстои и филмската верзија на „18% сиво“. 

Читателите ќе имаат поголема можност да го запознаат авторот одблиску и на 24 октомври во Книжевниот центар „Антолог“ со почеток во 10 часот, кога ќе се одржи програмата „Лично авторот!“ – средба со читателите и потпишување книги, како и запознавање на авторот со дејноста на издавачката куќа „Антолог“ и воопшто со издавачката дејност во Македонија.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top