Најиграната комедија на сите времиња, безвременската „Женидба“ на големиот руски автор Николај Васиљевич Гогољ во вторник, 20 октомври, премиерно ќе биде поставена на сцената на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“.
– Иако се работи за најиграната комедија на сите времиња во светски рамки, секое остварување е посебно, па така ќе биде и со ова. Работевме напорно, сега доработуваме мали, ситни детали, но генерално подготвени сме за премиерата. Сигурен сум дека имаме одлична претстава која верувам долго време ќе остане на репертоарот на кавадаречкиот театар“ – изјави режисерот Драган Вељановски.
Вељановски упати и јавна пофалба до актерската екипа која го носи целиот проект.
– Иако главно се работи за аматерска театарска постава, сепак со целото мое долгогодишно искуство можам да кажам дека ова е најдобриот аматерски театар во Македонија. Покрај професионалноста, помеѓу сите нас во изминатиот период создадовме една посебна хемија која на претставата и дава посебна димензија и која публиката ќе ја препознае – дополни Вељановски.
Во исчекување на премиерата е и директорот на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, Владимир Темков.
– Традицијата секоја сезона да поставуваме нова театарска претстава продолжува. Веќе имаме десетина хит претстави, па останува уште да се оствари една моја дамнешна желба, да направиме неделен репертоар со што дефинитивно ќе ја потврдиме успешноста на кавадаречкиот театар – заврши Темков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.