| четврток, 6 декември 2018 |

Растение што малку бара, а многу дава

Ајдучката трева е самоник, мошне познато и распространето лековито растение, а најмногу го има во целиот регион на Средоземјето. Кај нас често се смета за плевел затоа што вирее на ливадите, пасиштата, стрништата, запуштените шумски комплекси, но често и во посевите

Заради економската исплатливост и големата употреба во фармацевтската индустрија, во последно време плантажно се одгледува во Средна Европа, особено во Полска и во Унгарија. Ајдучката трева се произведува заради нејзината надземна маса, односно стеблото и соцветието. Таа содржи повеќе од 0,3 проценти етерично масло (матризин и мелофолин). Освен тоа, богата е со флавоноиди, минерали, каротин, витамин Ц, а има и извесно количество витамин К. Според преданијата, нејзината лековитост прв ја открил античкиот херој Ахил, поради што таа уште се вика и ахилеин. Таа е повеќегодишно тревесто растение, кое достигнува висина од 40 до 80 сантиметри. Нејзиниот корен е силно разгранет, како хоризонтално, така и вертикално. Има лазечки ризом и цилиндрично и особено разгрането стебло. Листовите ѝ се со правилна, издолжена форма, меки и разделени. Всушност, целиот лист на ајдучката трева изгледа како перо со голем број назабени листови. Цветот е сместен во главесто соцветие, ситен е, а по боја се менува од бела до жолта и до розова. Ајдучката трева е долго присутна во природата и цвета во интервал од јуни до ноември.

Примената на ајдучката трева е разновидна. Најчесто се користи при внатрешни крвавења кај белите дробови, носот, бубрезите и слично. Се користи и при заболувања на жолчката, срцеви болести, кашлица, хемороиди, астма, несоница, ревма. Едноставно, станува збор за растение што има широка примена во народната медицина.

Освен во фармакотерапијата, ајдучката трева се користи и како зачин при подготовка на салати, супи, меки видови сирење, сувомесни производи и слично.

ajducka-treva-2

Иако кај нас лековитите и зачинските растенија сѐ уште најмногу се собираат од природата, треба да се оди на нивно плантажно одгледување. За ова, ајдучката трева е особено погодна затоа што има многу скромни барања. Добро поднесува ниска и висока температура иако најдобро успева на почва што е изложена на сончева светлина. Се одгледува во плодоред, но не се препорачува да се одгледува повеќе години на едно место. За плантажно одгледување најчесто се користи сортата про А (Achillea millefolium ssp. colina), која потекнува од Германија. Површината на која ќе се одгледува ајдучката трева се заорува веднаш по есенската жетва, на длабочина од 30 сантиметри. За оптимални приноси, препорачливо е да се наѓубри со арско ѓубриво во количина од 30 тони на еден хектар. По можност, прихраната се врши со минерални ѓубрива фосфор, калиум и азот, во сооднос приготвен според почвените услови.

Најдобро е да се сее директно, а не ретко и преку расадување. Кога се сади со расад, се постигнуваат многу поголеми приноси. При директна сеидба се сее во редови, чиешто меѓусебно растојание изнесува 30 до 40 сантиметри, заради поуспешна примена на агротехничките мерки. За површина од 1 хектар потребно е околу три килограми семе. Во првата година, жнеењето се врши во септември, кога најголем процент од цветовите го имаат завршено своето цветање. Веќе во следната година може да се жнее двапати, во мај и во октомври. Просечниот принос на ајдучката трева при едно жнеење се движи од 700 до 1.200 килограми сува маса по хектар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top