Дали се работи за план според кој Македонија в година во Полска ќе биде примена под уставно име, дали НАТО се подготвуваат да испрати покана за Македонија без да чека самит, дали САД се подготвуваат да извршат притисок врз владата на Ципрас за да прифати праведно решение за двете страни, е помалку важно. Најважно е дали САД, конечно, ја прифатија одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг како реалност и, воопшто, дали разбраа дека Грција не смее да го игнорира својот потпис на привремената спогодба и меѓународното право и во исто време да обвинува за иредентизам. За САД не е помалку важно во ера на засилен притисок од Русија, Грција да дозволи влез на Македонија во НАТО и со тоа да го стабилизира целото јужно крило на алијансата. За внатрешната стабилност во Македонија со еден ваков чекор и за намалувањето на етничките и верски тензии во регионот, воопшто не треба да се зборува.
За малку повеќе од сто дена, иако навидум неповрзани, во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, во Вашингтон и во Атина се случиле неколку настани што заслужуваат сериозна анализа. Инсистирањето на САД да ја поканат Македонија на меѓународни средби под нејзиното уставно име за грчките набљудувачи е сериозен сигнал дека не се откажуваат од одлуката за признавање на уставното име донесена во 2004 година. Еден од најдоброинформираните грчки медиуми, весникот „Катимерини“, повикувајќи се на тајни дипломатски документи објави дека од средината на јули Грција е силно вознемирена од однесувањето на САД и особено од помошничката на државниот секретар за Европа, Викторија Нуланд, која стои зад неодамнешната покана на Македонија во ОН под уставно име. Катимерини објавува дека грчките амбасадори во Скопје и во Вашингтон, Кристо Панајпулос и Харис Лалакос, до своите шефови во Атина испратиле две писма според кои САД вршеле притисок врз Грција да се реши прашањето за името.
За Грција најлошото сценарио до кое може да дојде, а кое е можно да се случи ако се суди според писмата, е САД да ја поканат Македонија да стане членка без да се чека самит. Според весникот, во таков случај Грција повторно ќе стави вето, со што отворено ќе се отфрли пресудата на судот во Хаг, според која Грција не смее да го повтори тоа што го направи во 2008 година во Букурешт.
Стравот во Грција е поголем поради телеграмата од Скопје испратена во јули, кога пораката на Нуланд, која од Македонија бара да ја реши политичката криза за потоа САД да се соочат со прашањето за името, се претвори во кошмар. Пред сѐ, затоа што САД, кои во неколку наврати претходно ѝ помогнаа на Грција да ги заврши преговорите со ЕУ и со ММФ за финансиската помош, имаат начин како да го затворат прашањето за името. Загриженоста на Атина е уште поголема затоа што таму во враќањето на македонската опозиција во парламентот и во продолжувањето на реформите се препознава американски план, кој е поддржан од ЕУ и кој треба да заврши со влез на Македонија во НАТО. Грчката дипломатија е загрижена и од однесувањето на американскиот Стејт департмент каде што на средбите што ги имал грчкиот амбасадор во јуни не му било ветено дека Македонија ќе остане на маргините на самиот што ќе се случи напролет во Полска. Позицијата на американската дипломатија е дека во Варшава може да се случи сѐ.
Груевски: Спорот за името е виртуелен, Македонците никогаш нема да се откажат од своjот идентитет
Во својот говор пред светската асемблеја премиерот Груевски рече дека спорот за името требало веднаш да биде решен меѓу соседите, партнерите и идните сојузници, а не да трае веќе 22 години. Според него, прашањето, иако претставува многу реален проблем за македонскиот народ, е виртуелно во својата основа и нема никаква основа во меѓународното право ниту во актите на Обединетите нации. За него е невозможно некој да најде правна оправданост за неговото постоење, смета македонскиот премиер.
Груевски смета дека спорот е произведен за да донесе политички поени и за да се дојде до атмосфера на конфликтност во која би можело да се остварат нечии регионални интереси, а во исто време да се забават процесите на слобода, демократија и на пазарна економија на Балканот. Тоа што, веројатно, Грција ја здоболи најмногу во говорот на Груевски е споменувањето на меѓународното право како основа врз која Република Македонија може да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски. Тој најави дека Македонија нема да дозволи спорот да се решава надвор од резолуциите на ОН или надвор од рамката дадена од светската организација. со што паѓаат во вода сите грчки надежи дека Македонија ќе се согласи со ад хок решение донесено под притисок и надвор од меѓународното право, нешто што постои како опција во Грција. Тоа што Груевски го остави како можност е евентуалното име да биде одржливо, урамнотежено и заемно прифатливо, но само доколку со него не се навлегува во идентитетот на македонскиот народ. Доколку такво решение не може да се најде сега и ако на Македонија ѝ се наметнува решение со кое ќе се преименува македонскиот народ, тогаш спорот ќе треба да чека на подобри времиња и на нови генерации. Решението, според македонскиот премиер, мора да биде праведно и тоа нема да произведе победници или поразени страни. Груевски во Њујорк потсети и на неговите обиди да разговара директно со својот грчки колега Ципрас, нешто што претходно го прифати Папандреу, а го одби Самарас. Во тој контекст тој од Обединетите нации побара да се вклучи директно во обидот да се придвижи процесот и да се дојде до решение, нешто што објективно е тешко остварливо затоа што ОН не можат да обезбедат ниту спроведување пресуда од својот орган Судот во Хаг, а не, пак, да се вклучат во директно барање решение. Јаловите обиди на посредникот Нимиц во последниве 20 години најдобро покажуваат дека решението со посредство на ОН е речиси неизводливо без во него да се вклучат САД и Германија, како најмоќен европски фактор.
Кој ги турка под тепих мерките за доверба
Паралелно со тајната дипломатија, која, најверојатно, во најголем дел се води на релација Вашингтон – Атина, меѓу двата соседа нема никакви поместувања и покрај оптимизмот што во март го наметна новиот министер за надворешни работи на Грција, Коѕијас. Од тогаш поминаа речиси седум месеци, а до денес нема никакви поместувања во однос на листата на мерки за градење доверба за кои двете страни немаат поголеми забелешки. Македонската страна, во обид да не биде обвинета дека го урива процесот, засега молчи во врска со процесот на градење доверба, а Грција најчесто во информациите за медиумите и за дипломатите во Атина вели дека причината за застојот во договарање на мерките и во нивното спроведување е во Скопје, каде што сѐ уште трае политичката криза. Всушност, грчката страна овој аргумент го користи секогаш кога е притисната од меѓународната заедница.
Во 1999 година причина за застојот во преговорите, според грчките дипломати, беше косовската криза, во 2001 година и неколку години подоцна беше воениот конфликт во Македонија , а потоа, кога ќе се најдеа во небрано, Грците ја користеа и територијалната поделба во 2004 година, а од 2006 година наваму нивно омилено оправдување се честите избори што, рака на срце, се случуваат и во двете земји.
Како и да е, песимистичките информации што доаѓаат во Атина од нивните дипломати, особено од тие од САД, само дополнително ќе го забават процесот на спроведување на мерките за доверба, кои првично требаше да разрешат одредени практични прашања и да создадат подобра рамка за решавање на спорот за името. Ако се информациите и анализите точни, не треба да очекуваме наскоро мерките да станат реалност, туку обратно, Грција да ја користи секоја можност да обвинува за иредентизам за да создаде дополнителна тензија во која, објективно, не може да се водат никакви, а не, пак, суштински разговори за болното прашање. Освен доколку САД не проценат дека спорот за името ја загрозува стабилноста на регионот и дека глобалните интереси на Вашингтон не смеат да зависат од нечии емоции.
На Грција ѝ пречи реалноста
Како новонастанатата нервоза во Грција ќе биде манифестирана кон Македонија најдобро можеше да се види по говорот на македонскиот премиер пред Генералното собрание на Обединетите нации. Иако Груевски за Грција говореше како за иден сојузник и во ниту еден дел не ја нападна директно, дел од највлијателните медиуми и партијата што е втора според силата, Неа демократија, говорот го прогласија за провокација. Колку тешко ќе бидат спроведени мерките за доверба без асистенција од ОН и од САД може да се види од тоа што за Грција е проблем тоа што Груевски на Ист Ривер говореше за реалноста во која ние сме Македонци, кои говорат македонски јазик и живеат во држава со уставно име Република Македонија. И тоа што повеќе од 130 земји ја прифатиле таа реалност. Иако владата на СИРИЗА не реагираше директно, таа преку државната новинска агенција прати јасна порака дека нервозата е голема. Според АНА – МПА, Груевски не оставил никаков простор за поместување од позициите за името, односно не најавил дека Македонија може да попушти во заштита на својот идентитет. Се разбира, македонската влада со ништо не реагираше на грчките коментари со кои, практично, се одзема основното човеково право на поединецот и на цела една нација, да се нарекува како што сака.
(Текст објавен во 162. број на неделникот Република, 9.10.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.