| четврток, 6 декември 2018 |

Екс советник за безбедност на Обама повика на прием на Македонија во НАТО

Генералот Џејмс Џонс, поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама, упати повик за што е можно поскорешен прием на Македонија и на Црна Гора во НАТО, во рамките на своето сведочење пред Комитет за одбранбени прашања на американскиот Сенат. Џонс зборуваше пред Комитетот за неговата проценка за намерите на Русија во однос на Европа и Блискиот Исток, и даде низа предлози со кои САД би можеле да парираат на се поактивната руска политика, меѓу кои го предложи и проширувањето на НАТО на самитот во Варшава во 2016 година, кога Македонија се надева дека ќе се реализира поканата за членство.

gen

– Мораме да ја реафирмираме политиката на отворена врата на НАТО. НАТО мора да ја спречи Русија во нејзините планови да ги затвори вратите на НАТО за прием на идни членки. На самитот во Варшава следната година НАТО треба да ја прими Црна Гора, под претпоставка дека таа ги исполнила сите политички и воени обврски. Со тоа ќе се намали растечкото влијание на Русија на Балканот и ќе се испрати силен сигнал дека визијата за обединета Европа се уште е валидна. Сличен напор треба да биде направен од страна на Вашингтон за да се деблокира трагичниот политички конфликт во НАТО кој ја спречи Македонија да го заземе своето целосно заслужено место како членка на НАТО, изјави генералот Џонс пред Комитетот за одбранбени прашања на Сенатот.

Во своите забелешки, генералот Џонс оцени дека рускиот претседател Владимир Путин има за цел да го поништи досегашното приближување меѓу Русија и западот, извршено во времето на претседателот Димитри Медведев, и дека ќе работи да ја етаблира Русија како земја која проектира влијание во своето соседство. За таа цел, генералот Џонс предупреди дека НАТО и Европската Унија треба да очекуваат дека е можно да се случи упад од помал обем на руски сили на територијата на некоја од членките на НАТО, со што би се покажало дека Алијансата нема волја или способност да ги заштити своите членки од хибридни видови на војување, кои би подразбирале употреба на уфрлени доброволни герилски сили.

– Ваков настан би значел крај за принципот на колективна одбрана кој е суштината на основачкиот договор на НАТО. Важен дел од руската надворешна политика е да сее поделба внатре во западната Алијанса и да ја поткопа кохезијата на евро-атланскиот лак на економска и безбедносна соработка. Москва активно се приближува до членките на ЕУ кои се економски слаби или зависни од трговските односи со Русија, во надеж дека ќе го поткопа единството на ЕУ. Минатото лето Путин неуспешно се обиде да ја придобие новоизбраната грчка Влада за време на преговорите за економскиот спас на Грција, обидувајќи се да ја убеди Атина да гласа против санкциите на ЕУ воведени кон Русија. Русија исто така гради блиски врски со лидери на европски партии од крајната десница и левица, изјави генералот Џонс.

Според поранешниот советник за национална безбедност на Обама, американскиот и европскиот одговор треба да биде во создавањето на линија на енергетска, телекомуникациска и транспортна инфраструктура која би се протегала од Балтикот на север до Јадранот на југ, со што на европските земји кои би можеле да потпаднат под сферата на руско влијание би им се понудиле алтернативни извори на енергија и би се намалила опасноста од употребата на рускиот гас како оружје во натамошните односи со Русија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top