Досегашното искуство вели дека изминатата деценија се испилија многу партии од пазувите на двете најголеми албански партии во Македонија. Нивната историја, пак, покажува дека фракционерите што се осмелија да се обидат на „своја рака“ на политичката сцена, беа чиста утопија и немаа посериозен успех. Едната половина од оптимистички настроените поранешни членови на ДУИ и на ДПА исчезна уште при првиот обид и катастрофален неуспех, втората, пак, имаше добра „прва рака“, но и ништо повеќе од првичниот успех, кој никогаш повеќе не се повтори. Слично како и кај македонските партии, и во албанскиот блок „владеат“ две партии, а биполарноста станува сѐ посилна по секои изминати избори.
Единствената разлика во албанскиот кампус е податокот дека ДУИ е на власт веќе цели 13 години, од изборите во 2002 година. Коалицираше и со СДСМ (2002-2006) и со ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016). За ДПА токму таа постконфликтна 2002 година е последната кога ја вкусиле централната власт. Оттогаш се во опозиција, иако напати многу поконструктивна и поразумна од македонската. Пред неколку години, тешко дека некој можеше да претпостави дека експлозивниот Тачи може да биде пример за смиреност и за спокојност за некого во државата.
Во историјата на македонската политика од независноста до денес се впишаа многу албански партии. Најразочарувачка е судбината на ПДП, првата албанска партија во плурална Македонија, која, очигледно, не го издржа притисокот на времето и, буквално, исчезна од сцената. Се заканува ли истата матрица за една од двете актуелни најголеми партии во кампусот? Познавачите на состојбите велат дека не станува ни збор за такво нешто во поблиска иднина.
Обидот на т.н. пензионирано воено крило на ДУИ однапред се осудува на неуспех поради фактот што единственото што го нуди е „федерализација на Македонија и рамномерна поделба на буџетот?!“ ДУИ е многу поконкретна во понудата кон своите гласачи, а на обидот за освојување со евтин национализам експресно одговори со реотворањето на Рамковниот договор. На овој чин, пак, најмногу „изнарипаа“ социјалдемократските јуришници, кои го зазедоа интернет со тажачки околу актот на ДУИ. Но не поради патриотизам и желбата за засилена албанизација на државата од ДУИ, туку поради божемното одвлекување на вниманието од „вистинските“ проблеми во пржинскиот ферман. Нивните „вистински“ проблеми, се разбира. Очигледно, не им е лесно кога им гори под нозете и им се ближат избори. Ете им вистински проблем…
И ДПА има широк спектар на историски превратници, кои посакаа посебна политичка кариера од матичната организација. За разлика од партиите „ќор-фишек“, испилени во сенката на ДУИ, овие вторите имаа поголем успех кај електоратот. Дел од нив ги валоризираа и своите мандати во парламентот, но со кус рок на траење. Од сите нив, во игра е само Руфи Османи. Сега му се приклучи и реформаторскиот „отпадник“ Зијадин Села. А познавачите велат дека Села, кој сака да освојува градови, има пречка во цврстата структура на ДПА надвор од родниот град.
Партијата Беса за многумина е само ветување, даден збор, кој ќе остане даден, но не и конкретизиран. Сепак, дел од аналитичарите не ја потценуваат имајќи го предвид новиот пристап, кој излегува надвор од национализмот, барем декларативно. Другите, пак, ѝ предвидуваат страшен дебакл на изборите во 2016 година. Проблемот го гледаат во отсуството на цврста рака и на партиска организираност како проверен рецепт за успех кај албанскиот електорат. За репер го земаат и слабиот одѕив на јунскиот т.н. сеалбански марш, организиран токму од оваа партија.
Клековски: Голема фрагментациjа на ДУИ и на ДПА е добра за нив
Македонската политика е одбележана со голем број политички партии, кој на моменти изнесува повеќе од 150, за постепено да опаѓа и денес изнесува околу 35 партии, вели аналитичарот Сашо Клековски, според кој по многуте обиди и по првичниот успех, како на пример на ДА и на НСДП, постепено се претопувале во бипартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и на ДУИ и на ДПА (претходно ПДП). Почетен успех имале и партиите што се основале со отцепување фракција (НСДП, ВМРО-НП), поретко сосема новите (ДА), посочува Клековски, за кој е вообичаено што и пред овие избори, поттикнати од значајниот број неопределени граѓани, веќе се формираат или се најавуваат нови политички партии.
КЛЕКОВСКИ: Кај политичките партии, кои се надеваат на гласовите на граѓаните, етнички Албанци, се формира Движењето за реформи на ДПА или во жаргонот ДПА-Села, која се формира со отцепување на Зијадин Села од ДПА. Тоа не е првпат во историјата на ДПА, каде што незадоволните се оддалечувале, на пример Замир Дика, Руфи Османи, Имер Селмани и други, а некои и формирале нови партии како Нова демократија (Имер Селмани) или НДП (Руфи Османи), кои често целеле на гласачкото тело на ДПА во нивниот регион. Овие партии постигнале почетен успех, обично локално или регионално, таму од каде што потекнува лидерот, Скопје, Гостивар, најчесто со привлекување на гласачкото тело што го имала ДПА, но не успеале да здобијат поддршка на национално ниво, по што се губеле од политиката. Голема е веројатноста тоа да се случи со ДПА- Села: да постигне успех во Струга, со постојното гласачко тело на ДПА, но со мали шанси да се одржи на подолги патеки. Освен ако со значајноста на својот успех не поттикне реформа во ДПА, , како што говори името.
Партиите што ги формирале политичари отцепени од ДУИ досега не успеале да постигнат забележлив успех, пред сѐ поради моќта на ДУИ. Унитети, партијата што се најавува, е енигма сѐ додека не се објави лидерството и програмата. Доколку партијата остане на пензионираниот Гзим Острени и на агендата за федерализација на Македонија, таа партија ќе помине како тие што прогласуваа Илирида – многу драма, мал ефект. Сосема поинаку може да биде ако на партијата се приклучат Хазби Лика и Рафиз Алити, што звучи многу неверојатно, затоа што тоа може да ги наметне меѓуетничките односи како важна тема на следните избори, па дури и да ги засени темите што се сега актуелни. За разлика од првите два случаја, партијата Беса потекнува од незадоволството и од ДУИ и од ДПА. За потсетување, на гласовите на етничките Албанци незадоволни од ДУИ и од ДПА се надева и СДСМ, а и ВМРО-ДПМНЕ, која посебно со брзината на реакцијата и со ангажманот по поплавите во Тетовско, покажа дека сака да ги подобри односите со овој електорат.
Ситуацијата на незадоволство кај граѓаните етнички Албанци го поттикнува создавањето нови партии, но големата поделба на и така мало гласачко тело (цела Македонија е мало гласачко тело), ја сече гранката на која сакаат да седат новоформираните партии. Колку повеќе партии, колку поголема поделба на незадоволните од ДУИ и од ДПА, значи толку подобро за ДУИ и за ДПА.
Успехот на новите партии, покрај лидерството, многу зависи од политичкиот пристап и програма. Во минатото, НД и Имер Селмани тргнаа со граѓанска опција, што беше релативно успешно, но, веројатно, под очекувањата на раководството, по што НД се сврти кон албански национализам. Играњето на национализам е едноставна и евтина алатка за мобилизација, по која посегнуваат политичари во многу позрели демократии од Македонија. И за политичките партии е полесно да бараат поголема употреба на албанскиот јазик бидејќи тоа може да се оствари со законски измени. Економски пораст и работни места не се остваруваат толку едноставно и толку бргу. Но вртењето на НД кон албански национализам тогаш беше голема политичка грешка, а ќе биде и сега. Сите партии што се обидуваа да играат исклучително на гол албански национализам, не постигнаа успех. Ми се чини дека кај етничките Албанци, како и кај етничките Македонци, доколку постои незадоволство, тоа е, пред сѐ, од социо-економската состојба – невработеноста и од сиромаштијата.
Муслиу: Две мали партии влегуваат во парламентот
Кај албанскиот блок има една карактеристика што трае од 1990 година, а тоа е константното опаѓање на одѕивот кај албанските гласачи, вели аналитичарот Алберт Муслиу. Тој оценува дека постојните политички елити не нашле начин како да ги мотивираат Албанците да излезат во поголем број.
МУСЛИУ: Кај албанската опозиција, пак, има две целни групи. Едната е да се земе од порцијата на постојните партии и втората да се поттикнат немотивираните гласачи за да излезат во поголем број. Тоа е карактеристика и на т.н. трет блок кај Македонците.
Во овој контекст, Села би се насочил кон гласачи од ДПА и од немотивираните, Беса директно би ги одбрала немотивираните, РДК на Османи има иста целна група со Села, а партијата Унитети би целела на гласачи на ДУИ и на неопределените. Тоа се опциите и спецификите во албанскиот блок. Кога сето ова би се искомбинирало со актуелната политичка криза, тоа е мотив за новите партии да навлезат порано во политичката кампања и во процесот на идентификација на гласачите. За разлика од нив, ДУИ и ДПА знаат каде им се гласачите.
Сепак, кога би успеале да се здружат сите нови партии, би имале поголем успех. Така би покривале поголем регион и би ги комбинирале своите различни влијанија. Ако одат поделени, силата ќе им биде помала.
Во овој контекст, Муслиу не исклучува дури ни коалиција меѓу Села и Острени. Вели и дека РДК на Османи има забележано и успех, Села мина на локалните избори, а Унитети и Беса треба да видат каде се. Пресуден фактор за успехот, според него, би бил изборниот модел, односно, дали ќе се задржи постојниот или ,поверојатно, ќе се оди на една изборна единица. Дури и со сегашниот модел, Муслиу вели дека две од овие наведени четири партии ќе влезат во парламентот со макар еден пратеник, но не сака да открие кои.
Со што би настапиле новите партии на изборите како основа на програмата?
МУСЛИУ: Тие ќе играат на личниот интегритет, принципиелноста и некоруптивноста наспроти постојните лидери. Ќе се промовираат како луѓе што се бекомпромисни во однос на интересите на албанскиот народ.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 161. број на неделникот „Република“, 2.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.