Дејан Дуковски е македонски драматург со европска провиниенција. Неодамна, на сцената на Српско народно позориште беше изведена премиерата на неговиот најнов текст „Духот што оди“. Режијата беше на Александар Поповски. Според пишувањата на српските медиуми, публиката била презадоволна и сите реакции биле во суперлатив. Дуковски се надева дека скопската публика брзо ќе има шанси да ја види претставата. Во тек е јубилејното, 40. издание на Млад отворен театар (МОТ), на кој ќе биде прикажана претставата на Дуковски „Другата страна“. Претставата е во изведба на танцовиот театар „Лидија Литос“ од Атина. Ова е второ поставување на текстот на Дуковски во Грција.
„Бариери“ е слоганот на годинашното јубилејно, 40. издание на МОТ. Дуковски, како може човек да ги урне бариерите во својот мозок?
ДУКОВСКИ: Со учење и со преиспрашување. Кога викам учење, не мислам на учење напамет. И, се разбира, со сомневање. Како принцот Хамлет, кој се сомнева во системот што го опкружува. Гледа дека е нешто гнило во државата Данска. Чичко му спие со мајка му, братот на кралот со кралицата. И главниот лик на мојата нова драма се сомнева дека системот е гнил и неправичен и тргнува да го урива. Незнаењето и предрасудите се мајка на бариерите.
На 25 септември на МОТ, на сцената на МКЦ ќе биде изведена претставата „Другата страна“ за која го напишавте текстот, а ќе го изведе танцовиот театар „Лидија Литос“ од Атина. Ова е второ поставување на Вашиот текст во Грција. По што оваа претстава се разликува од таа што ја постави театарот „9 Каи Кати“ од Атина пред речиси една деценија?
ДУКОВСКИ: Факт е дека текстот по првото читање не предизвика толкаво внимание во Грција колку по оваа изведба. Јас лично сметам дека режисерката на оваа претстава Фенја Апостолу успеа да најде многу точен, жесток и провокативен клуч за читање на текстот. Како една трансвестија на светот во кој ликовите се борат за смисла. Во претставата има и многу кореографија и физички театар. А се нагласува и острината и жестината на текстот. Како и да е, предизвика многу големо внимание кај тамошната публика. Мене ми е особено драго што моите текстови се работат во Грција.
„Другата страна“ е драма за човечките соништа и за борбата на луѓето да сакаат и да бидат сакани кога се заробени во една уништена држава. Кој победува во борбата? Се гледа ли светлината од темнината?
ДУКОВСКИ: „Друга страна“ е драма што се случува во еден апокалиптичен поствоен контекст. Ликовите по пат ги загубиле своите идеали, своите соништа и верба во актуелниот систем на вредности или, воопшто, во системот. Нивните приказни се како отсечки загубени меѓу тоа што би сакале или како би требало да биде и тоа што било. Тие веќе ја загубиле борбата и сега очајнички бараат каква било сламка за спас. Очајнички бараат трошка љубов. Како светлина на крајот од тунелот.
Скопје во септември секогаш мириса на МОТ. Оваа година фестивалот прославува јубилеј. Што е за Вас МОТ? Што донесе досега, мислам на изминатите четири декади, овој Фестивал? Дали МОТ секогаш бил отворен?
ДУКОВСКИ: МОТ е фестивал што го знам уште од моето детство. На некој начин е врзан и со моите почетоци во светот на театарот и веќе од време на моите студии бев активно вклучен во неговото организирање. Извесен период бев и член во фестивалскиот одбор. МОТ е фестивал што расте, се надградува и менува, се бори за висок стандард и квалитет… тоа што е најбитно, премисата на овој фестивал да биде млад и секогаш отворен за нови тенденции и форми во театарот е тоа што го прави уникатен и интересен. Исто така, горд сум што многу мои претстави гостувале на овој фестивал низ годините наназад. Сѐ ми се чини дека старееме заедно.
На сцената на Српско народно позориште во Нови Сад пред неколку дена се случи праизведбата на Вашиот последен текст „Духот што оди“, а претставата ја режираше нашиот Александар Поповски. За што се говори во текстот и како поминавте на праизведбата?
ДУКОВСКИ: Да бидам искрен, јас сум сѐ уште под импресии од претставата и од атмосферата на праизведбата. Тоа е мој нов текст и за мене беше исклучително важно да ја видам оваа негова праизведба. Текстот е приказна за човек на кој му е нанесена неправда и тргнувајќи во борба за своите права тој сфаќа дека неправдата е во целиот систем, па така тргнува да го урива системот со хипнотичка моќ на убедување и на убивање… Една луцидна парафраза на Хамлет. Среќен сум што повторно работиме заедно со Ацо (Александар Поповски, н.з.) и мислам дека успеавме да направиме голема претстава. Од самиот почеток и низ целиот процес на работа, атмосферата кај целата екипа беше фантастична и сите беа апсолутно среќни и задоволни. Се работи за исклучителни актери и токму таа колективна позитивна енергија може да се почувствува и на самата сцена. Кога постои тој тип енергија во воздухот останува еден печат што секогаш се чувствува од другата страна на сцената. Ацо е голем режисер во врвна форма и мислам дека со претставава успеавме да достигнеме еден театарско-естетски врв. Публиката беше презадоволна и сите реакции беа во суперлатив. Луѓето од театарот рекоа дека не паметат кога последен пат им се случила ваква претстава. Се надевам дека скопската публика брзо ќе има шанси да ја види претставата. Најверојатно уште во октомври на „Шкупи фест“.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.