| четврток, 6 декември 2018 |

МОТ се затвора со „Црнила ремикс“

Со премиера на претставата „Црнила ремикс“ поставена од Јордан Симонов во продукција на Младински културен центар (МКЦ) вечерва во 20 часот во кино „Фросина“ завршува 43. издание на Млад отворен театар (МОТ).

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на Зад Аголот нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата.

Во рамките на придружната програма на фестивалот во 12 часот, во Младински културен центар започнува одбележување на 70 години – јубилеј на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт/УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович. Исто така промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“ со драмско читање на 11 македонски уметници и автори : Васил Михаил, Лидија Митоска, Стефан Марковски, Елена Пренџова, Игор Поп Трајков, Ирма Башеска, Кирил Дончов, Теа Беговска, Ева Камчевска, Надица Трајкова, Миа Кантарџиева. Иницијатор и координатор: д-р Иванка Апостолова, раководител на македонскиот ИТИ Центар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top