| четврток, 6 декември 2018 |

Глупирање

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Понекогаш е опасно да се биде владетел, лидер на некоја групација следбеници што со својот број или, пак, способности создава голема општествена моќ. Да се биде претседател или премиер или некаква друга медиумски експонирана личност, која со својата инфлуенција може да врши промени во системот на опстојување, потребно е да се има барем минимум мудрост или такт или барем почитување кон аудиториумот.

Но, тоа не беше случај со цела една сурија влијателни личности од сферата на политиката, кои во последно време демонстрираат вистинска загубеност, лош манир, недостиг од интелигенција, некомпетентност, нечовечност и, на крајот од сите овие безобразија, најмногу до израз доаѓа токму глупоста. Во една пригода еден мој пријател кажа антологиска мудрост, колку цинична, толку и провокативна на филозофски план. „Глупоста е најголемата сила во универзумот, затоа што нема свест за себеси“.

Токму со овие истапи на овој клуб на многу моќни и крајно глупави личности, во последниве дни влегоа и некои регионални, но и светски владетели.

Поводот беше големата бегалска криза, која ја исполни со параноја „блудницата вавилонска“, која живееше како во војна (поради енормниот стрес што го создаваат најдемократските општества во светот – собрани и набрани во хипербирократската конструкција наречена ЕУ), а се подготвуваше како 100 години да ќе има мир.

Ова е, секако, една болно потсмешлива инверзија на онаа Титова изрека – „Да се подготвуваме како утре да ќе има војна, а да живееме како 100 години да биде мир“.

И федерацијата се распадна. Значи, оваа „мудра“ директива од маршалот Тито – бог да му душа прости, доведе до едно неподносливо психолошко распетие, до еден голем и тешко поднослив расчекор на посветеност и на фокусирање, а и како да се отпуштиш и живееш како 100 години да ќе има мир, ако во секој момент мораш да бидеш подготвен за водење војна?

Вака следејќи ја маршаловата „мудрост“, дојдовме до апсурдна позиција, до шизофренична состојба, при која личноста се дели на два карактера, едниот кул и отпуштен, кој ужива во стогодишниот мир, а другиот е во Рамбо-филм, при кој хиперактивноста и нејзиниот интензитет е прашање на живот или смрт.

Затоа системот колабираше, а сите тие републики се најдоа во една голема геополитичка лудница, сместена во гигантскиот клинички центар на Пакс Американа.

Нормално, пред оваа позиција на ментално болен пациент потребно е да се лее крв. Да се убива, што повеќе, толку дијагнозата е потешка, а тоа, пак, го конфискува времето, што воедно е пари.

Ах, како беше горд премиерот на „Липа наша“ кога, онака, помпезно делеше лекции наоколу, како треба да се постапува со бегалците, како треба да се биде хуман, да се биде интелигентен и организиран, како нашата држава и соседите – Грција, Србија и Унгарија немаат доволно цивилизираност и достоинство, покажувајќи хаотичен и нечовечен однос кон кутрите страдалници, кои загубиле сè во воениот хаос на Блискиот Исток.

Одеднаш, новопечениот ЕУ-бан или комесар или лорд, како сакате, ни се обраќа од високо и почнува да нè кара, сите нас заедно, нас, примитивците, егоистите, нацистите, расистите, животните балкански, но и централноевропските од хунско потекло, чедата на Атила – Камшикот Божји, кој, овој пат, со фуриозен гнев и неподнослива жестина удри по грбот на емигрантите.

И, еве, не помина многу, едвај една недела (да беше подолго време, оваа дрскост на господинот Милановиќ ќе беше заборавена, и никому ништо), а ситуацијата радикално се промени и самиот хрватски премиер даде налог да се затворат границите за сите, за превозниците и за сите тие што секојдневно преку транспортниот бизнис, низ мака и тежина го вадат својот леб насушен.

Да не шпекулираме околу штетите што ги трпат и луѓето што работат во експортните фирми. Затворањето на границите влијаеше на регионално ниво, тоа не беше само непријателски гест кон соседите на хрватската држава, туку и кон речиси сите држави во регионот на потегот север – југ, вклучувајќи ја и Турција.

Одеднаш премиерот на Хрватска стана сето тоа што го критикуваше и стана сериозна закана за поредокот во југоисточна Европа, но не поради своето недоветно легитимирање, туку поради штетните државнички потези, што радикално му се заканија на веќе етаблираниот систем на комуникација на еден од најзначајните геостратегиски региони во Европа – коридорот што Европа ја спојува со Азија и со Африка.

Вакво самоволие во ЕУ е погубно за суштината и за доверливоста на нејзината политика во секоја смисла. Ваквите ексцеси создаваат лоша и недоверлива претстава за Унијата, која и така има огромни проблеми на сите нивоа.

Но, владетелот на „липа наша“ е само лош имитатор на многу позначајната личност во интернационалната политика. Имено, госпоѓа Меркел помина низ едно слично салто мортале, но некако се дочека на своите остри потпетици, кои се закопаа во сивата германска почва при доскокот. Отпрвин ги отвори портите на „рајхот“ за 800.000 бегалци, а потоа таа бројка се спушти на мизерни 125.000.

А следбениците на канцеларката симболично излегоа на улиците, нудејќи им го своето топло гостопримство на кутрите блискоисточни бегалци – Вилкомен! Вир либен зи!

Една недела помина.

А потоа дојдоа неонацистите, кои се во стравотен подем, и ги запалија сите тие кутри страдалници како лебарки.

„It’s beginning with a blessing, but it ends with a curse“ – вели мудриот Вилијам Шекспир.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top