Откако Нетпрес вчера објави дека во Куманово се вработени речиси сите кумови, кумашини, братучеди и подалечни роднини на градоначалникот Зоран Дамјановски, порталот денеска излезе со нови информации дека на платниот список на Општината, на разни работни места исклучиво се поставени и речиси сите блиски роднини и пријатели на највисоките функционери на опозицискиот СДСМ.
Мартин Костовски е претседател на СДСМ во Куманово. Првиот човек на опозицијата во овој град е вработен во општината Куманово, неговата мајка Маре Костовска е вработена во јавното претпријатие „Пазаришта“, а неговата баба Јасмина Симоновска е вработена во ЈП „Водовод“. За да биде комплетиран списокот во оваа фамилија, од оваа година во општината каде што веќе работи и претседателот на СДСМ, е вработена и неговата сопруга Ивана Костовска. Пример, за кој граѓаните на Куманово велат дека претседателот на СДСМ испраќа многу гласна и јасна порака за тоа како гледаат на практикувањето на власта – пишува Нетпрес.
Очигледно дека претседателот на СДСМ Куманово, Мартин Костовски, се огледува на начинот на работа на Дамјановски, но и на примерите на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. Имено, Оливер Спасовски сегашниот генерален секретар на СДСМ и близок соработник на Заев, кој со години е најблизок соработник на Дамјановски, а своевремено беше и секретар на Општината, искористувајќи ги своите позиции ги има вработено неговата сестра Билјана Петрушевска во ОУ „Крсте Миладинов“ како и неговиот зет, Ненад Петрушевски, во Јавното Претпријатие „Водовод“.
И тука не завршува листата на вработените роднини на највисоките функционери на СДСМ. Максим Димитриевски, член на Извршниот одбор на СДСМ откако Зоран Заев е претседател на СДСМ, и истовремено претседател на Советот на општина Куманово, својата сопруга ја има вработено во ОУ „Кочо Рацин“, а неговата сестра во ОУ „Браќа Миладиновци“.
Како што велат граѓаните на Куманово, ова е само мал дел од примерите кои говорат како највисоките функционери на СДСМ ги злоупотребуваат своите партиски функции за нивна лична корист и за вработување на нивните роднини и пријатели. И со овие примери е повеќе од јасно дека Зоран Дамјановски, Оливер Спасовски, Максим Димитриевски и претседателот на ОО СДСМ Куманово, Мартин Костовски, својата партиска моќ ја користат само за вработување на свои блиски лица, а не за решавање на проблемите на граѓаните на Куманово. Со ваквите вработувања Куманово наликува на приватна фирма на СДСМ и Дамјановски, а не на општина на еднакви можности за сите граѓани. И овие примери доволно говорат за тоа како СДСМ гледа на власта, како практикува власт и што е најважно во нивната работа. Истовремено како што велат кумановци, овој начин на работа е одобрен и признат и од Зоран Заев кој на Спасовски, Димитриев и Костовски им даде највисоки партиски функции, со што очигледно ова е партиската политика и партискиот начин на работа на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.