| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на роман од Илхами Емин во „Магор“

Во кафе-книжарницата „Магор“ вечерва во 20 часот ќе биде промовирана книгата „Ѕид што оди“ од Илхами Емин. Книгата ја објави издавчаката куќа „Магор“, а промотор на изданието ќе биде Ферид Мухиќ.

– Романот „Ѕид што оди“, на истакнатиот современ поет, писател, публицист и преведувач Илхами Емин, е роман за човекот што ја бара таа интегративна единствена духовна парадигма – розата што ќе ги обедини и на хармоничен начин ќе ги изрази сите благородни и возвишени трагања по највисоката вистина. Во неговото досегашно творештво, пред сè, во поезијата, розата е нагласено зачестен симбол од централно интерпретативно значење. Во овој роман, најавен со историски автентичната воведна епизода опишана во овој текст, Илхами Емин продолжува да ја раскажува сагата за вечното барање на таа највисока универзална вистина низ која се изразуваат и во која се помируваат сите парцијални вистини. Олицетворена во ликот на Јурук Осман, приказната тече низ еден исклучително силен автентичен говор, поправо, вистински порој што не запира ниту пресушува, како што, навистина, течат и нашите мисли – без точка! Оти точката е само интерпункциски знак со кој му даваме време на собеседникот да се соземе, да разбере што му зборуваме. Но, кога сме сами со своите мисли, тогаш таа река не запира, а точката станува одвишна. Со овој роман, Јурукот Осман алиас Илхами Емин, се покажа како берач на смилот, симнат од својата планина, за да ни подари прекрасен букет од ова планинско цвеќе, чијашто миризба никогаш не се губи! Ако сте се прашале дали душата има своја миризба, сега ќе дознаете: Јуручката душа мириса како планински смил. Исто толку долго и исто толку суптилно. Токму така мириса и овој роман – вели Мухиќ во својата резенција за романот на Емин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top