| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книга од Марта Марковска во Струмица

В понеделник во 19.30 часот во куќата на Арсови, или позната уште како Старата турска пошта во Струмица, Здружението за развој на култура и за заштита на културното наследство КОНТЕКСТ – Струмица организира промоција на книгата поезија на Марта Маркоска, насловена „Стрмоглаво кон височините“.

„Стрмоглаво кон височините“ на Маркоска е добитник на наградата „Ацо Караманов“ во 2012 година за најдобар поетски ракопис. Делото е во издание на 39. Караманови средби, а во реиздание на издавачката куќа „Магор“.

Во соработка со музејот на град Струмица промоцијата ќе се случи во сосема невообичаен амбиент, атмосфера која дополнително ќе ја разубави пролетната културна клима во градот и тоа во куќата на Арсови или Старата турска пошта.

Организатор и модератор на промоцијата ќе биде Митко Гогов, промотор ќе биде Борче Панов, писател, член на ДПМ и претседател на Караманови средби, додека ќе уживаме во стиховите, проследени со визуелно музички перформанс од самата авторка, Марта Маркоска.

Со филозофијата, со корените на митското, праисториското, со трансцеденталното, со вибрацијата на мудроста и на вистината. Со основата на зборот, со темелите на погледот, Марта Маркоска гради една иконографски богата поетска структура, израз што изобилува со семантичка реализирана лексиколошка реалност. Стиховите се спиритуален приказ на реалноста, еден медитативен развој на постојноста, манифестира спознание за другоста, но и за едноста.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top