| четврток, 6 декември 2018 |

Диетата со која Новак Ѓоковиќ ја освои планетата

Безглутенската диета, како што вели и нејзиното име, од исхраната го исфрла глутенот. 

Нејзината цел и главна задача е јасна – да се избегне глутенот. Токму затоа првиот чекор мора да биде запознавање со изворите на глутен и со намирниците што не ја содржат оваа состојка, пишува „Скопјеинфо.мк“.

Потрагата по безглутенски намирници во поголемиот дел од земјите, како САД, Канада, Бразил, членките на Европската унија, ја олеснуваат со прописите кои што наложуваат на етикетата на храната да мора да стои и податокот дека во неа нема глутен.

Што е тоа глутен и како да го избегнете?

Глутенот е белковина која е присутна во повеќето житарки, со исклучок на оризот и на пченката, како и на пекарските и останатите производи  што се добиени од нив. Исто така се исфрлуваат и намирниците во кои глутенот може да биде додаден како адитив, како на пример во сувомеснатите производи, кечапот и преработената храна.

Кога е неопходна безглутенската исхрана?

Безглутенската диета се применува во рамките на медицинската нутритивна терапија кај заболени од целијачна болест, односно глутенска ентеропатија. Ова заболување спаѓа во алергии, така што и најмало количество на глутен предизвикува алергиска реакција. Тоа значи дека за личностите што ја имаат оваа алергија безглутенската исхрана е неопходна за да бидат здрави.

И додека за здравите личности глутенот не е воопшто штетен и претставува извор на белковини од растително потекло, кај алергичните поединци, исхраната што содржи глутен предизвикува оштетувања на цревната слузница, проследено со дијареа.

Ова ја нарушува нормалната апсорпција на хранливи материи и доведува до малнутриција. Тоа е посебно опасно кај децата бидејќи може да доведе до заостанување во растот и развојот. Затоа е важно глутенската ентеропатија навреме да се препознае и да се започне со диета.

Што смее да се јаде?

Грав, јаткасти плодови, непреработени свежи јајца, свежо месо, свежо живинско месо, риба, овошје и зеленчук, поголемиот дел од млечните производи, хељда, пченка, пченкарна каша, просо, киноа, ориз, соја, тапиока, кинеска шеќерна трска, компир, амарант. Може да се користи и активен сув квасец и млеко во прав.

Намирници и пијалоци што мора да се избегнуваат, освен ако на нив не пишува дека не содржат глутен:

Пиво, леб, торти, пити, останати видови слатки, помфрит, пасти, тестенини, салати, сосови, вклучувајќи и соја сос, солени грицки, готови супи. Овесот во текот на растењето може да дојде во допир со пченица, па препораката е дека и оваа намирница треба да ја поседува етикетата без глутен, за да биде безопасна.

Која храна не смее да се консумира?

Јачмен, ‘рж, тритикале, пченица, пијалоци што ги содржат споменатите намирници, гриз, камут, крупник, грахам брашно или интегрално пченично брашно, булгур.

Недостатоци на безглутенската диета

Кај личностите кои што не се чувствителни на глутен, безглутенската диета нема некои посебни предности.

Недостатоците на ваквата исхрана потекнуваат од фактот дека глутенот е сеприсутен и дека е тешко да се избегне во секојдневната исхрана. Со тоа, безглутенската диета е често монотона и бара голема едукација во нејзината примена и стриктно водење сметка за тоа дали е присутен глутенот во спакуваните намирници.

Како најголеми промотери на безглутенската диета се издвојуваат познатите личности кои потенцираат дека на најдобар начин ги почувствувале предностите на исхраната без глутен.

Помеѓу нив е актерката Зое Дешанел која што боледува од целијакија, поради што таа ја практикува безглутенската диета, како и нејзината колешка Рејчел Вајс која во 2006-тата година открила дека е нетолерантна на пченица. Од тогаш тие тврдат дека имаат многу повеќе енергија за разлика претходно.

Сепак, најпознат следбеник на ваквиот начин на исхрана е светскиот прв рекет, Новак Ѓоковиќ.

Првиот светски тенисер е познат промотер на безглутенската исхрана. Своето искуство тој го опишал и во книгата „Сервирај за победа“.

– Јадев како Србин (и како Американец) многу италијанска храна како пица, тестенини, многу леб, тешки масни оброци, па и по неколкупати на ден. За време на мечевите консумирав и чоколадо или нешто слатко мислејќи дека тоа ќе ми помогне да ја одржам енергијата. Не сфаќав дека таквата храна предизвикува воспаленија. Моето тело реагираше на храната што не му одговараше и испраќаше сигнали – пишува тој во книгата.

Прославениот спортист имал проблеми со алергии и проблеми со дишењето, а потоа започнал да ја применува безглутенската исхрана. Тој ја започнал безглутенската диета во времетраење од две недели, а резултатите биле следните: одлична психофизичка состојба, низа од освоени титули и прво место на светската листа на АТП.

А што всушност јаде Новак?

Пие млака вода во текот на целиот ден, во големо количество.
Јаде манука мед.
– Од исхраната ги исфрлил пченичното брашно и сите производи што го содржат.
– Избегнува млеко и млечни производи.
– Не пие алкохол за време на турнирите.
– Не консумира шеќери.
– Јаде лесна, немасна храна.
– Јаде грилувана храна.
– Не јаде поховани јадења и јадења подготвени во длабоки маснотии.
– Избира свежо овошје и зеленчук.
– Јаде тестенини, но оние од ориз и пченка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top