| четврток, 6 декември 2018 |

Виница презентирана во рамки на европски проект за културно наследство во Киелце

виница

Културното наследство од општина Виница е презентирано во рамки на европски проект насловен „Комуникација на различните култури“ во полскиот град Киелце. Учеството на општина Виница во овој проект е резултат на повеќекратна заемна посета на првите луѓе од овие две општини.

– Идејата за учество во овој проект произлезе од последната средба со градоначалникот на Киелце, Војчех Љубавски. На негова иницијатива и со негова поддршка, влезени сме во еден голем проект на Европската унија, за што добивме идентификациски код. Првата фаза беше запознавање меѓу земјите учеснички. Група наши ученици викендов беа на првата средба во Киелце. Тоа беа најдобрите ученици од виничките училишта кои ќе учат за европските вредности – истакна градоначалникот на Виница, Емил Дончев.

Посочи дека проектот продолжува, а финална фаза е реализацијата на инфраструктурен објект.

– Ние би сакале да работиме на проект за изградба на нов Музеј за нашите теракотни икони – додаде Дончев.

Група ученици од СОУ „Ванчо Прќе“ предводени од наставникот Сања Мицова први ја презентираа Виница на ниво на најразвиените европски општини.

– Учениците зедоа активно учество во сите дебати, ја имавме една од најуспешните презентации и се надеваме дека таа соработка ќе продолжи, а ние ќе бидеме партнер училиште во овој европски проект – истакна Мицова.

Наскоро се очекува и официјално збратимување на двете општини Виница и Киелце, како и воспоставување партнерство меѓу СОУ „Ванчо Прќе“ и средно училиште од Полска. Инаку, претходно на фестивал во истоимениот град учествуваше и ансамблот за староградски песни „Серенада“ од Виница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top