Граѓаните што имаат македонски пасош со адреса на живеење надвор од Македонија, на 7 април нема да можат да гласаат во вториот круг од локалните избори, на кои ќе се избираат градоначалници во 32 општини.
Извори од Државната изборна комисија објаснуваат дека ваквата одлука е донесена едногласно од членовите на Комисијата.
Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи вели дека ова одлука е донесена поради тоа што повеќе општински изборни комисии пријавиле дека во првиот круг на изборите неколку избирачки одбори се соочиле со ваков проблем и биле во недоумица дали да им дозволат на овие граѓани да го остварат правото на глас или не.
“Овие граѓани не можат да гласаат, бидејќи во патната исправа имаат една адреса на живеење која се наоѓа надвор од земјата, а во избирачкиот список се заведени со друга, македонска адреса. Со вакви различни податоци, никој од избирачкиот одбор не може да провери дали се работи за истото лице или за друго. За да се елиминираат евентуалните злоупотреби, ја донесовме одлуката”, објаснува Јакупи.
Според него, единствена можност овие граѓани да гласаат на седми април, е да имаат македонска лична карта, во која имаат домашна адреса, со која се запишани во единствениот избирачки список.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


