Претседателот на СДСМ Зоран Заев упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема-хаџи Сулејман-ефенди Реџепи и до граѓаните кои го чествуваат празникот Курбан-бајрам.
– Ви го честитам големиот празник Курбан-бајрам од име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое лично име. Празничните денови нека бидат прозорец кон духовен мир, слога, почитување, благосостојба. Тоа ќе внесе радост во вашите срца и вашите семејства, а само со спокојни граѓани е можно успешно општество.
Празниците се свети моменти кога свртувајќи се кон вистинските вредности: чесност, правда, солидарност, толеранција, трпение, искрена љубов, добиваме сила поцврсто и поодлучно да застанеме во нивна одбрана. Овие предизвици секојдневно се испречени како тестови пред нас, а наша должност како луѓе е да одолееме на искушенијата на полесниот пат, што најчесто не е правиот пат. Изминатиот период покажа дека сите ние кои живееме на ова парче земја, независно од различностите, знаеме и сакаме да се сакаме, знаеме и имаме капацитет и волја да се почитуваме, `не мачат исти проблеми и решенијата за еден се решенија за сите.
Ве повикувам уште пообединето, повторно заедно, да застанеме еден до друг и да обезбедиме светла иднина за нас, за нашите деца и за идните генерации. Нека ви е среќен Курбан-бајрам на сите што го празнувате почитувани сограѓани! – се наведува во честитката од Заев по повод Курбан-бајрам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.