Македонија ќе добие специјален јавен обвинител, онака како што е договорено во скопско Пржино. Дека ќе го има – потврдија одвоено на Денот на независноста и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
– Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен. Како е договорено и потпишано, така треба да се реализира, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број стручни и технички соработници, истражители и да ја има целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла на канцеларии, возила и слично. Тој не смее на никаков начин да биде спречуван во својата работа, ниту пак да биде под внатрешни или под надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки – истакна премиерот Никола Груевски на свечената академија.
– Специјалниот обвинител овие денови ќе се договори, да немате сомнеж, бегање од тоа нема – посочи Зоран Заев од партискиот излет на СДСМ во месноста Три круши, кај скопско Драчево.
Доколку Заев беше кус во однос на специјалниот обвинител, потпретседателката Фросина Ременски, ден претходно, надолго и нашироко ги посочи желбите на СДСМ надвор од договореното. Преку договорот за избор на специјалниот обвинител и преку работата на техничкиот министер во МВР, СДСМ најавува инсталирање на цела хиерархија и на екипа која би се протегала сè до УБК. Ременски во интервју објавено ден пред Денот на независноста, јасно вели: „Индиректно отвораме пат на реформи во УБК, веднаш по преземањето на МВР со министерот“.
– Не зборувам како министер, како едно лице, туку како цела хоризонтална и вертикална структура за која има надлежности да ги екипира и формира и да ги стави во функција – наведува Ременски.
Преку техничкиот министер во МВР, до сите надзорни тела
Македонскиот устав не препознава „технички министер“ онака како е наведено во Договорот, а за тоа се изјаснија и дел од професорите на Правниот факултет, веднаш по објавување на договорот. Ако се земат предвид наведените ингеренции за другите договорени заменик- министри и министерот за труд и социјална политика – кои како и министерот за внатрешни работи се технички и треба да бидат избрани по претходен договор меѓу партиите – тешко дека неговите ингеренции ќе може да излезат од рамките на регулација на изборниот процес.
Но, тоа што го говори Ременски е далеку од таквата формулација. Таа, покрај смени во хиерархијата во МВР, говори и за промени во Управата за безбедност и контраразузнавање, одземање и поделба на нејзините ингеренции, па и смена на директорските места. Таа тоа го става во рамката: „Па, како би соработувал специјалниот обвинител со монополот УБК?“
Во понатамошното елаборирање до каде одат замислите на СДСМ, преку договарањето на рамките на специјалниот обвинител и на техничкиот министер, Ременски набројува и разни други надзорни и регулаторни тела, дирекции, па и приватни телекомуникациски компании за кои таа се сомнева во нивното работење и во внатрешните истраги.
Зошто СДСМ ја посакува Управата за безбедност и контраразузнавање?
Неодамна „Република“ пишувајќи за можните последици врз функционирањето на полицијата по смената на техничкиот министер, предупреди дека навидум политичките решенија создаваат сериозни промени во структурата на носење одлуки во безбедноста и тоа во моменти кога државата се соочува со напливот на бегалците од воените региони, со заканите на ИСИС, со антитерористичките акции во Куманово, со разбивањето на терористичките ќелии. Улогата на УБК е неспорна за добивањето пофалби од САД за македонскиот безбедносен систем и за ефикасноста да се соочи со терористички напади, што се покажа и на терен. Дополнително, Македонија беше изземена од земјите на Балканот каде што САД испратија тимови за соочување со џихадистичките ќелии, наведувајќи токму на добрата работа на Управата за безбедност и контраразузнавање. Желбите на СДСМ за вметнување и на структурата и на ингеренциите на УБК во политичкиот договор кој тоа не го опфаќа на хартија, е повеќе од опасен терен кога е во прашање безбедноста на државата.
Реформите во МВР и во УБК, како што вели СДСМ, треба да доведат до откривање на злоупотребите на можноста за прислушување. Но, не треба да се заборави и дека токму еден од оние што ја признаа вината во случајот „Пуч“ бил вработен во УБК во делот каде е можно прислушувањето. Притоа и главниот осомничен, Зоран Верушевски, е поранешен директор на Управата. Ременски вели дека таквите смени ќе овозможат сета архива и сите податоци на УБК и на телекомуникациските оператори да дојдат во рацете на специјалниот обвинител.
Но, претходно ќе дојдат до рацете на СДСМ. Може ли да се верува дека намерата на СДСМ, чиј лидер е четвртиот осомничен во случајот „Пуч“, кој не ги почитува судските покани чекајќи на случајот да работи специјалниот обвинител, дека би ја оставил можноста да „влијае“ врз сета таа архива без да се обиде да ги спаси првенствено Заев и Верушевски?
Случајно или не, Ременски во истото интервју посветено на рамката на специјалниот обвинител одговараше и за можноста да се „допишуваат“ телефонски броеви за прислушување, онака како што наведува во признанието и осудениот поранешен вработен во УБК. Таа кусо коментира: „Не, кој би поверувал во тоа“. По таа логика, па и кој би поверувал во СДСМ дека сите овие посакувани „реформи“, хиерархиски смени и преземени ингеренции би биле за спас на Заев, Верушевски и на пријателите?
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 158. број на неделникот „Република“, 11.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.