На само неколку дена пред стартот на „Виз ер Скопје 5 км“, во просториите на СЦ „Јане Сандански“ се одржа прес-конференција посветена на сите детали поврзани со оваа трка од ревијален карактер. На прес-конференцијата прв се обрати претседателот на Сојузот на спортови на град Скопје, Ѓорги Кузмановски, кој истакна дека ова е трка што ја посветуваат на сите љубители на трчањето.
– Единствената причина поради која оваа година „Виз ер скопски маратон“ не се оддржа беа немилите настани во Куманово. Од тој ден, па сè до денес, ние како организатори чувствувавме обврска да им се оддолжиме на сите љубители на оваа спортска дисциплина што беа пријавени на маратонот. За таа цел, ја организираме петкилометарската ревијална трка, која ќе се одржи во недела во 9 часот и која ќе го разубави Скопје со сите учесници. Како и секогаш, целата оваа организација немаше да се реализира доколку ја немавме безрезервната поддршка од нашите покровители: Градот Скопје, Канцеларијата на ЕУ во Македонија и МВР на кои им се заблагодаруваме – истакна Кузмановски
Директорот на „Виз ер скопски маратон“ Кире Синадиновски нагласи дека за оваа трка ќе нема пријавување, ниту пак ќе се наплаќа страртување. Ќе биде од отворен карактер, ревијална, без победници и ќе биде нова можност за дружење и уживање во трчањето на градските улици во Скопје.
– Оваа трка е дел од европската недела на спортот под мотото #beactive. Трка, која ја става Македонија на мапата заедно со 34 земји, кои организираат вкупно 116 трки од ваков или сличен карактер. Но и трка која им ја посветуваме на редовните учесници на „Виз ер скопскиот маратон“, кој за жал, оваа година, не се одржа. За таа цел ги поканувам сите што се во можност и сакаат да трчаат, да дојдат во недела во 8.30 часот на загревање, а потоа во 9 часот на улицата Димитрие Чуповски ( во близина на Рекорд) и да застанат на стартната линија за заедно да ги истрчаме петте километри низ улиците на Скопје. А, пак, сите што сте во можност, дојдете со маиците и стартните броеви за да покажеме дека „Виз ер скопски маратон“ ќе продолжи да пулсира со срцето на градот и сите негови поддржувачи – изјави Кире Синадиновски
Патеката по која ќе се трча оваа ревијална трка, ќе биде истата предвидена за пет километарската трка од регуларниот годишен маратон. Ќе се стартува во центарот на Скопје, на улицата Димитрие Чуповски, а ќе се продолжи кон булеварот Климент Охридски, булеварот Илинден, улицата Франклин Рузвелт и преку улицата Теодосиј Гологанов ќе се пристигне кон целта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.